Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Државен завод за статистика: Охрид меѓу градовите со најмногу старо население на возраст од 85 и повеќе години

Охрид, 21. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охрид,  Битола, Прилеп и Велес се меѓу градовите со најмногу старо население на возраст од 85 и повеќе години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Населени места со најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години се: Чаир, Аеродром и градовите Куманово и Тетово.

Во периодот на спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, во земјава има вкупно 1.781 населени места, а 205 се празни населени места. Во главниот град Скопје живеат 526.502 жители, има 171.171 домаќинство и 213.850 станови.

– Населено место со најголем број на жители е скопски Аеродром со 75.108 жители, а потоа следуваат градовите Куманово со 75.051 жител, Битола со 69.287 жители, Прилеп со 63.308 жители, Тетово со 63.176 жители, се вели во соопштението од ДЗС повикувајќи се на резултатите од пописот.

Според податоците добиени со оваа статистичка операција, 684 населени места се со помалку од 100 жители, додека 218 населени места се со помалку од 10 жители.

– Најмногу домаќинства има во Аеродром 27.026, па следуваат Битола со 24.974, Куманово со 23.451, Прилеп со 22.763, Тетово со 17.948, а во 381 населено место има 10 и помалку домаќинства. Најмногу станови има во Аеродром 34.415, а во 116 населени места има помалку од 10 станови, покажуваат резултатите од пописот.

Државниот завод за статистика, во согласност со Програмата за објавување и дисеминација на податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021, во последниот сет на пописни податоци ги објави податоците на ниво на населени места и тоа вкупно резидентно население, домаќинства и станови, вкупно резидентно население по 5-годишни возрасни групи и вкупно резидентно население според изјаснувањето за етничка припадност. (Крај)

извор: ДЗС/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука