Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Битолчани ја препознаа моќта на концептот: Од Св. Никола до Водици, „Зимска приказна“ во Битола (Фото)

Битола/Охрид, 24. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Веќе втора година во Битола се спроведува атрактивниот концепт за прослава на новогодишните празници, наречен „Зимска приказна“.

Денеска беше весело на Широк сокак, пред Офицерскиот дом и во Старата битолска чаршија.

– Во следните денови, дел од нашата „Зимска приказна“, ќе бидат и Групата „Фонтана“ со Џамбо Агушев, Даница Крстиќ и Ангел Демирев, Групите Деспина, Боеми, Битолски чалгии, Фолтин, Паркети, КОД 369, Виктор Апостоловски, Камерниот оркестар на Битола, за најмладите „Светот на Биби“, детската претстава „Зимска приказна“ и уште многу други содржини, се’ до 31-ви декември кога Новата година ќе ја дочекаме со Лусент, Љубојна и Исмаил Лумановски, Никола Зацески и групата „Мелем“, објави вчера градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Тој откри дека „Зимската приказна“ ќе трае од денеска до 31 декември, ќе се реализира во Битола и ќе трае 8 дена на 3 локации, каде ќе бидат претставени 62 проекти.

– Идејата е новогодишната магија да владее во периодот на големите празнувања од „Свети Никола“, до „Водици“, што претставува доволно време за да се почувствува радоста во градот, а притоа да дејствуваме согласно ограничувањата кои ни ги наметнува состојбата на кризата. Со добро планирање и благодарение на поддршката од нашите креативни соработници, употребивме дел од новогодишните украси кои се добро сочувани, набавивме неколку нови елементи и за разлика од минатата година, кога имавме една украсена локација, годинава новогодишната светлина блеска кај Офицерскиот дом, низ Широк Сокак и во Старата битолска чаршија. Верувам дека догодина, ќе опфатиме и други локации, со кои Битола, предновогодишно ќе биде се’ поубава. За првпат со новогодишна програма ја раздвижуваме Старата битолска чаршија, а настаните во тој дел ќе се случуваат на пешачката улица. Оваа „Зимска приказна“, има уште една специфика, која говори за големиот чекор напред и воспоставеното партнерство на локалната самоуправа со бизнис секторот, претставуван од неколку поголеми деловни субјекти, но и угостителскиот сектор, невладиниот сектор и изведувачите од домашната музичка сцена. Како резултат на ваквата соработка, Битола, ќе има „Зимска приказна“, 8 дена, исполнета со 62 проекти на 3 локации со 300 часови активна програма, музика од сите жанрови, детска музика и детски театарски претстави, улични перформанси, новогодишен базар. Off програмата ќе има улични музички перформанси на Широк Сокак и пратечка Dj програма низ битолските кафулиња, објави Коњановски.

Првично, ваквата идеја на искористување на целиот празничен месец, кој започнува околу 20-ти декември со празникот посветен на Св. Никола и завршува на 19-ти и 20-ти јануари со празникот Богојавление Водици и Денот на рибарите беше осмислена од креативниот тим на Супер радио од Охрид, како подарок за својот град пред пет години, за 25-тиот роденден на најпопуларниот медиум во овој дел на државата. Станува збор за проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, одлично прифатен концепт од охриѓани и гостите, кој за прв пат беше имплементиран во 2017 година. Подоцна во Скопје се реализираше скоро идентичен концепт, кој и таму наиде на одличен прием кај граѓаните и гостите.

Охрид и оваа година е соодветно украсен за празниците, а веќе е објавена и програмата и забавниот дел кој ќе се спроведе на Градскиот плоштад. Организиран дочек најавуваат и угостителите, со богата музичка и забавна програма. Веќе неколку години наназад го спроведува овој концепт за прослава на новогодишните празници. За тоа потпомогна и Covid-19 кризата, која комплетно го смена начинот на кој се одбележуваат овие празници во најголемиот туристички центар во Република Македонија.

Деновиве во Охрид се актуелни и предновогодишните забави во охридските хотели и ресторани, каде колегијалното дружење, добрата храна и веселата музика се рецепт за убаво помината вечер. Без оглед на големата на компаниите, оваа традиција остана, и по намалениот интензитет од минатите две години, пред се’ поради Covid-19 пандемијата, како да се враќа во полн ек. Заеднички дружби организираат и бројни спортски клубови, здруженија и сите останати заедници на граѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука