ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Мерната станица во Охрид не испраќа податоци за аерозагадувањето до вебсајтот на Државниот автоматски мониторинг за квалитетот на воздухот

Скопје, 26. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Мерната станица во Охрид не испраќа податоци за аерозагадувањето до вебсајтот на Државниот автоматски мониторинг за квалитетот на воздухот.

– Имаме проблеми со миграцијата од стариот на новиот сервер, но тоа не значи дека немаме податоци, ние имаме податоци, сега мануелно ги собираме и ја информираме јавноста кога има загадување на воздухот во некој град, изјави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини во врска со тоа што со денови наназад голем дел од мерните станици не испраќаат податоци на вебсајтот на Државниот автоматски мониторинг за квалитетот на воздухот.

Во Скопје од вкупно седум мерни станици, податоци испраќа само една – таа во Гази Баба. Нема податоци ниту од станиците Битола 1, Тетово, Кичево, Охрид, Велес 2 и Гевгелија.

Автоматската мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиентниот воздух во Охрид е поставена на булевар „Туристичка“, во непосредна близина на спортскиот центар „Климент Колески“, како дел од државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиентен воздух и е управувана од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со овој уред се воспостави механизам за редовно следење на состојбата со квалитетот на воздухот и изворите на загадување, што е од особено значење за жителите на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука