ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

„Одисеја 2022“, монографија за подвигот и 10-кратното препливување на езерото на Марко Пејчиновски минатото лето

Охрид, 9. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – „Одисеја 2022“ е насловена монографијата која ги обединува сите детали за подвигот на Марко Пејчиновски кој минатото лето десет пати го преплива Охридското Езеро.

– После успешното реализирање на планот за лето 2022, запознајте се и доживејте ги моите авантури низ страниците на монографијата која ја подготвивме, порачаа од тимот на Марко на неговиот официјален профил на Facebook.

Монографијата доби и англиска верзија, за која сите заинтересирани можат да се обратат до тимот на Марко.

Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, на талентираниот охридски пливачки херој неодамна му ја додели наградата за спортски подвиг на годината. Марко ја доби престижната награда за вкупно препливани 250 километри изминатото лето во водите на Охридското Езеро.

Од 12-годишна возраст Марко поставува рекорди во водите на Охридското Езеро во родната Република Македонија. Помеѓу 27-ми и 28-ми август годинава, тој пливаше патека со должина од 63,84 километри од Охридското пристаниште до Струга, па до Свети Наум и назад до пристаништето во Охрид за време од 21 час и 41 минута со две застанувања од вкупно 9 минути и 46 секунди.

Светската асоцијација за пливање на отворени води (WOWSA) и официјално ги верификува сите 10 препливувања на охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски, во вкупна должина од 250.27 километри.

Во интервју за Супер радио и OhridPress, неодамна тој истакна дека со неговата „летна авантура“, како што ги нарече 10-те препливувања, сака ги инспирира и мотивира сите спортисти од Република Македонија, бидејќи имаме потенцијал и талент кои треба да се искористат.

Повеќе за подвигот на Марко ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука