ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се прихрануваат елените во репро-центарот во Националниот парк „Галичица“ (Фото)

Охрид, 16. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Екипи на паркот, деновиве вршат прихранување на елените во репро-центарот во Националниот парк „Галичица“.

Европскиот елен се врати во својот некогашен дом – планината Галичица. Благодарение на репродуктивниот центар сместен во Националниот парк „Галичица“, изграден во 2019 година, сега има над 60 единки. Тоа е двојно повеќе од почетокот, кога беа донесени 24 женки и шест мажјаци.

May be an image of nature and snow

Елените преферираат мозаични живеалишта, испреплетени со шума, ливади и пасишта, па затоа Галичица им одговара како простор за опстојување. Репродуктивниот центар опфаќа 90 хектари од паркот, ограден е со жичена ограда висока 2,30 метра. Во рамките на репродуктивниот центар се поставени хранилки, солишта, објект за чување храна, поилишта, како и приспособена локва, која во летниот и сушен период овозможува снабдување со потребното количество вода, со што се обезбедени сите услови потребни за непречен живот на елените. Секој втор ден вработени лица од паркот го посетуваат репро-центарот каде што ги извршуваат потребните активности поврзани со снабдување храна, проверка на оградата и слично.

May be an image of 2 people, nature and treeОд паркот минатата година најавија пуштање на одреден број возрасни елени надвор од репро-центарот. Со тоа се очекува за десетина години природната популација на европскиот елен во националниот парк да стане самоодржлива и способна да обезбеди активност барем на дел од високопланинските пасишта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Национален парк „Галичица“

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука