Избор Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Стружани реагираат: Проблемот се подзаборави, кучињата ни останаа (Фото)

Струга, 17. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Проблемот за неколку дена веќе се подзаборави, кучињата ни останаа, реагираат во допис до редакцијата на OhridPress граѓани на соседна Струга, кое потенцираат дека состојбата е реална и алармантна и дека мора да се реагира веднаш.

– Како да ги пуштиме децата да излезат надвор. Верувајте состојбата е навистина лоша, особено во ноќните часови. Кучињата се во групи, гладни се и агресивни. Никој не бара да се убијат и ги осудуваме тие чинови, но решение мора да се најде и краткорочно, но и трајно за ова повеќе да не се повторува, стои во дописот со кој испратија и фотографии од социјалните мрежи на кои се гледа дека проблемот останува.

Последните немили настани, кога граѓани на Охрид и Струга беа каснати од кучиња скитници повторно го враќаат во прв план овој проблем со кој се соочува целата држава, но и туристичките Охрид и Струга, каде и покрај декларативните изјави, проблемот на терен сепак постои.

Активистите за заштита на животните повикуваат на системско решавање на овој сериозен проблем, а дел истакнаа дека наместо да се реагира на социјалните мрежи, треба да се организираат протести.

Во јавноста силно одекна и немилиот настан, кога со огнено оружје беа убиени повеќе кучиња скитници. Со официјална информација излегоа од Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Струга, од каде информираат дека е извршен е службен разговор со 62-годишниот М.З. од струшкото село Ливада.

– Тој се сомничи дека во периодот од 06:45 до 07:15 часот, на улицата „Владо Малески“ во Струга со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници. Од него, одземена е ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри за вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ испратија отворено писмо до министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија Оливер Спасовски, а по повод последните случувања во Струга, кога со огнено оружје беа убиени голем број на бездомни кучиња.

Струшките архитекти Валмир Далипи и Бесјан Положани изработија проект за прифатилиште за бездомни кучиња за чија реализација се бара помош од Владата, преку заеднички средства или од ИПА фондовите.

Директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Сашо Најдески вели дека нивните неофицијални информации говорат дека се носат од други градови кучиња.

– Имаме ангажирано преку тендер договор со ветеринарна амбуланта за хуман третман на кучиња. Тоа подразбира заловување носење во прифатилиште соодветен третман, вакцинација, чипирање, крвна слика, одреден период држење во прифатилиште и враќање на заловено подрачје ако има основ, тоа го проценуваат од амбулантата. Со стационарот, проектот треба да се одобри, Агенција за храна и ветеринарство треба да даде одобрение за стационар, меѓутоа кај нас се големи финансиски средства треба, преку ИПАРД програма е поднесен проект за добивање финансии, но уште нема ништо, реално многу далеку е решавањето. Меѓутоа кај нас преку фирмава се решаваат проблемите. Од прилика 90-тина кучиња имаат добиено хуман третман, вели Најдески.

Во битката за храна, изгладнетите бездомни животни најчесто се движат во група. Оваа глетка не смее да ни стане нормална. Мора да се изнајде институционално, хумано и одржливо решение. Во Охрид, кучиња најчесто се забележуваат на Градскиот плоштад, низ охридската чаршија и скоро низ сите улици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука