ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Собор на Свети Јован Крстител

Охрид, 20. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со оглед дека главната улога на Свети Јован се оствари на денот на Богојавление, древната црква денот по Богојавление му го посвети на неговиот спомен.

За овој ден се врзува и настанот со раката на Светиот Предвесник. Евангелистот Лука, кој посака да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк беше убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеа да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија ја чуваа до 10 век. Потоа беше пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезна оттаму.

Свети Јован Крстител се прославува неколку пати во годината, но народот најмногу го празнува овој ден. Меѓу евангелските личности околу Спасителот тој има посебно место: и според начинот на доаѓањето во светот, и според улогата на Крстител на луѓето за покајание и како Крстител на Месијата, најпосле и според трагичното заминување од овој живот. Се одликуваше со толкава морална чистота што навистина можеше попрво да биде нарекуван ангел одошто смртен човек. Меѓу сите Пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да Го покаже Оној за Кого пророкувал. За раката на Светиот Предвесник се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука