ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

МВР на Бугарија потврди дека ќе го обезбедува Пендиков

Софија, 9. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Откако бугарските власти најавија дека секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков, ќе добие свое лично обезбедување зашто стравувал за својот живот, тоа вчера било и официјално потврдено на средбата која Пендиков ја одржал со министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев.

Во соопштението објавено на официјалната веб страна на МВР на Бугарија, наведено е дека Демерџиев се обврзал да го обезбедува Пендиков за да му ја гарантира безбедноста.

За време на средбата, Демерџиев нагласил дека ќе продолжи будно да го следи случајот со нападот на Пендиков кој се случи на 19 јануари пред кафе-бар во Охрид.

Првиот човек на бугарското МВР додал дека за време на средбата со неговиот македонски колега Оливер Спасовски, која се одржа на 30 јануари, му пренел оти Пендиков за време на престојот во Софија добивал закани преку социјалните мрежи.

– Ги дадов сите податоци на интернет адресите од кои се испратени заканите и ќе инсистираме да се преземат мерки, истакнал Демерџиев на средбата со Пендиков.

Пред два дена, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, најави дека Пендиков во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство, а бугарското МНР ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија.

Покрај тоа, беше најавено дека најверојатно ќе добие и свое лично обезбедување зашто, како што изјави шефот на бугарската дипломатија, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Македонија.

На ова, премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата пред два дена, прашан како ги коментира ваквите најави, кратко одговори оти не е наше да се мешаме кому Бугарија ќе издаде државјанство или ќе подари стан. Во одлуките и активностите кои ги преземаат бугарските власти, посочи премиерот, не можеме да се мешаме, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин. (Крај)

извор: 360 степени фото: mvr.bg

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука