ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Костадиновска-Стојчевска: Работиме на зачувување на Охридскиот регион со статусот кој го има и со унапредување

Скопје/Охрид, 10. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Работиме на зачувување на Охридскиот регион со оној статус кој го има и со унапредување, бидејќи само така ќе може да го потврдиме статусот доделен од УНЕСКО, истакна на денешната прес конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска одговарајќи на новинарско прашање.

Потенцира дека е задоволна од соработката на сите засегнати страни во однос на зачувување на овој статус.

– Задоволна сум од соработливоста од сите засегнати страни во однос на зачувување на овој статус. Ова воопшто не е лесен и едноставен процес, но секоја од засегнатите страни, министри, локални самоуправи и агенции кои се дел од овој процес од креирање на оваа легислатива која го регулира статусот на Охридскиот регион како заштитен под УНЕСКО се навистина максимални и даваме сé од себе за тоа да продолжи со истата динамика, рече Костадиновска-Стојчевска.

Можно е да е слика од 1 лице и стоење

Околу нејзината неодамнешна посета на Париз и остварените средби, додаде дека била со единствена цел – информирање на релевантните страни за тоа како се одвива заштитата на охридскиот регион во однос на зачувување на статусот на УНЕСКО.

Министерката од Париз најави дека во Охрид ќе биде отворена канцеларија на УНЕСКО во насока на потврдување на нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион.

Во годината кога одбележуваме 30 години од нашето членство во УНЕСКО, на средбата беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Македонија и на Албанија во однос на имплементација на препораките на УНЕСКО кои се однесуваат на Охридскиот Регион.

Пред неколку дена и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков во интервју за МИА потенцира дека општина Охрид и Владата на Република Македонија, односно ресорните министерства имаат одлична соработка во однос на спроведување на препораките за зачувување на статусот заштитено подрачје во УНЕСКО. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука