Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

OhridPress анализа: Дали и колку уплатно-исплатни места за игри на среќа ќе се дислоцираат во Охрид ако се усвои новиот Предлог закон (Фото)

Охрид, 11. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со помош на дигиталните алатки на Google, екипата на OhridPress направи анализа околу евентуалните дислокации на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игри на среќа, доколку биде усвоен Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии.

Со оглед на фактот што Охрид е релативно мал град, основната анализа покажува дека бројни вакви објекти ќе мора да се дислоцираат, особено оние во центарот на градот. Станува збор за над 20 поголеми и помали локации, кои особено гравитираат на улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“, булевар „Туристичка“ и целиот потег околу Градскиот пазар и поширокиот дел на централното градско подрачје. Не помал дел ги има и во останатите делови на градот, а доколку се преклопат круговите од графичката анализа подолу, скоро и да нема дел од центарот на градот кој не е покриен од „заштитениот“ радиус од некое училиште.

Читателите на OhridPress ги следат објавите на оваа тема и реагираат по повеќе основи. Дел се за комплетно дислоцирање на ваквите објекти од градовите, а дел реагираат на растојанието од само 500 метри од училиштата, што реално ја прави мерката несериозна. Дел од нив, на шега предлагаат дека сега е подобро да ги преместиме училиштата, затоа што оваа мерка нема да смени ништо.

Погледнете како изгледаат поединечно и детално мапите со круг во радиус од 500 метри околу најголемиот дел од основните и средните училишта во Охрид.

околу СОСУ „Св. Кирил и Методиј“

околу ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

околу ООУ „Братство Единство“ Лескајца

околу ООУ „Братство Единство“ улица „7-ми Ноември“

околу ООУ „Григор Прличев“ и гимназија ОСУ „Св. Климент Охридски“

околу ООУ „Христо Узунов“

околу ООУ „Кочо Рацин“

околу ООУ „Св. Климент Охридски“

околу РЦСОО „Ванчо Питошески“

Ова законско решение предвидува оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа.

– Со цел заштита на младата популација измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум, соопштија од Владата.

Додаваат дека меѓу целите на предложените измени се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа, а се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

На ова со отворено писмо реагираа од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС). Велат Владата со вчерашната одлука го отпочна процесот на затворање на игрите на среќа во Македонија. Предложените измени на Законот за игри на среќа и забавни игри Владата ќе се обиде да ги турка во Собрание на брза лента со европско знаме. Во превод, со европско знаме, по скратена постапка ќе им ја укине работата на 10.000 луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра на годишно ниво. Сето ова во услови на невидена економска криза, најголема после Втората светска војна, велат од Асоцијацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука