Економија Избор Локална самоуправа ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Со повеќе градежни зафати се подобруваат условите за настава и работа во ОСУ „Св. Климент Охридски“

Охрид, 13. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со средства од блок дотација се реализираат повеќе проекти за подобрување на условите за работа и настава, вели за Супер радио и OhridPress Светлана Велкоска, директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“.

– Набавени се нови маси и столчиња за учениците, подобрени се условите за одвивање на кабинетска настава, што оди во прилог и на децата и на професорите. Тоалетите се комплетно обновени, со нова електрика, нов одвод довод, а се направи и тоалет за деца со посебни потреби. Доколку се јави потреба, во таа насока и влезот ќе се прилагоди со пристапни рампи, информира Велкоска.

Додава дека во моментов се врши замена на оградата со нова, која автентично ќе одговара на самиот изглед на Гимназијата.

– Следно ќе биде комплетна реконструкција на дворот. Проектот е готов, наскоро ќе објавиме тендер. Се работи за многу интересен проект, за децата и надвор да се чувствуваат убаво. Ќе има услови со игралиште, отворени училници, клупи, патека за трчање и дел со амфитеатрално седење. Работиме и на други проекти, за нова инсталација, струја, за греењето ќе имаме проект, за противпожарна заштита, со хидрантна мрежа. Работиме на уште еден проект во кој се инкорпорирани овие претходно наведените, а тоа е за реновирање на внатрешноста на Гимназијата, на ѕидови, подови, ќе се промени дограмата внатрешна и надворешна, а ќе се реконструира и кровот. Имаме уште еден проект за реконструкција и санација на спортската сала, таму имаме проблем со кровот. Сакаме салата да ја направиме мултифункционална, покрај основната намена, да можеме некогаш да ја користиме за настапи, приредби, потенцира Велкоска.

Таа е задоволна од она што е досега направено и иако е краток перидот, вели дека работите сепак се движат.

– Сите проекти што ги работиме и самите зафати се со А лиценца, сите тендери се со А лиценца, ние сме во централно градско подрачје, можеби пред сé сме заштитени како споменик на културата и во таа насока имаме важност да се промовираме и како Дом на култура, не само како училиште. Мора просторот да заживува, да не е само до 10-ти јуни. Изминатиов период се одржаа повеќе настани и ќе продолжиме и понатаму, тука сме и му стоиме на располагање на градот и на секој културен настан. Средствата за реализација на проектите се од блок дотација сите проекти се преку општина Охрид, за што испраќаме благодарност до градоначалникот д-р Кирил Пецаков, вели Светлана Велкоска, директор на ОСУ „Св. Климент Охридски“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука