Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Германската филмска ѕвезда Барбара Сукова бара помош да ги пронајде Зорица и Билјана кои ги запознала како тинејџерка во Охрид

Белград/Охрид, 27. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Германската актерка Барбара Сукова годинава е една од најголемите филмски ѕвезди на меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ што се одржува во Белград, Србија.

На фестивалот таа ќе го претстави филмот „Далиленд“ во кој ја глуми Гала, сопруга на Салвадор Дали, меѓутоа она со што таа го привлече вниманието на српските новинари е повикот да ѝ помогнат да пронајде две жени кои ги запознала во Македонија кога биле деца во далечната 1963 година.

Таа година, актерката како тинејџерка со нејзините родители престојувала во Југославија и го посетила Охрид. Таму, раскажа вчера, запознала две девојчиња – Зорица и Билјана.

Тогаш во училиштата се собирала хуманитарна помош за настраданите во земјотресот во Скопје, а Зорица и Билјана во знак на благодарност потоа ѝ испратиле послужавник со две шолји за кафе.

– Ги чував и носев секаде со себе. Тие две сега се како мене, во средните седумдесети години. Би сакала повторно да ги видам. Бидејќи не користам социјални мрежи, можеби можете да ми помогнете да ги пронајдам, замоли актерката, пренесе Н1.

Таа пред камерите покажа и фотографија од Зорица и Билјана од времето кога биле девојчиња. (Крај)

извор: 360 Степени/Н1 фото: Н1

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука