Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Измените на Законот за игри на среќа во Собрание, се бара гласање по кратка постапка: Колку уплатно-исплатни места во Охрид ќе треба да се дислоцираат

Скопје/Охрид, 27. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се доставени во Собрание. Предлагачите бараат промените да се изгласаат по кратка постапка, па на предлог измените стои и европското знаменце.

Како што се посочува „со постоечката законска регулатива во постапките за издавање лиценци, од областа перење пари како докази кои се ценат се програмата за спречување перење пари и финансирање тероризам и доказите за потекло на надоместокот за добивање лиценца и докази за потеклото на средствата, стварите и правата кои се внесени во основната главнина, при што не се цени репутацијата на соработнците на друштвото, и се предлага ценење на репутација“.

– Во постапките за издавање лиценци се наметна потребата од зајакнување на доказите, како и прецизирање дека едно трговско друштво со една иста главнина и со една лиценца може да приредува еден вид игра на среќа, пишува во законот, пренесе порталот Фактор.мк.

Се посочува дека има потреба од зајакнување на доказите кои се поднесуваат до Управата за јавни приходи во постапката за издавање решение за исполнување на просторните и техничко-технолошките услови и се пропишува надлежност на УЈП за присилна наплата на износот на надоместоците и посебните давачки кои се наплатени со активирање на банкарските гаранции. Со измените УЈП до Министерството за финансии може да побара престанок со приредување игри на среќа ако при надзор утврди дека деловната просторија не ги исполнува просторните и техничко-технолошките услови или не врши дејност во просторија за која има добиено решение.

– Се прецизираaт условите согласно кои друштвото може да добие лиценца и условите согласно кои барањето ќе биде одбиено. Со постојниот закон не е уредена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта. Со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики, се предлага уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основни и средни училишта, стои во предлог законот доставен во Собрание.

Се појаснува оти оддалеченоста се бара од причини што учеството во игрите на среќа претставува влегување во облигационен однос помеѓу учесникот и приредувачот, а земајќи ја предвид ограничена деловна способност на малолетниците за учество во правниот промет, како и во насока на обезбедување на заштита на малолетниците од штетните последици кои можат да ги предизвикаат игрите на среќа и правилно насочување на нивниот развој, се наметнува потребата од воведување на оддалеченост.

– Се воведува обврска за обезбедување надзорен-информациски систем и негово поврзување со информацискиот систем на УЈП и за приредувачите на електронските и интернет игрите на среќа, како и зголемување на месечната давачка за лотариски и електронски игри на среќа – се појаснува во законот.

Со предлог-законот електронските игри на среќа може да се приредуваат само во простории за кои имаат добиено согласност од Министерството за финансии. Се предлага и ограничување на бројот на уплатно исплатни места на обложувалниците со издадената лиценца, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца и воведување на надоместок за секое ново уплатно-исплатно место за обложувалница и за секоја нова деловна просторија за автомат клуб. Се планира и воведување нов начин на плаќање на месечната давачка, ќе се плаќа или фиксен надоместок или 20 отсто во зависност од тоа кој е поголемиот износ.

Со помош на дигиталните алатки на Google, екипата на OhridPress направи анализа околу евентуалните дислокации на уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игри на среќа, доколку биде усвоен Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии. Со оглед на фактот што Охрид е релативно мал град, основната анализа покажува дека бројни вакви објекти ќе мора да се дислоцираат, особено оние во центарот на градот. Станува збор за над 20 поголеми и помали локации, кои особено гравитираат на улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“, булевар „Туристичка“ и целиот потег околу Градскиот пазар и поширокиот дел на централното градско подрачје. Не помал дел ги има и во останатите делови на градот, а доколку се преклопат круговите од графичката анализа подолу, скоро и да нема дел од центарот на градот кој не е покриен од „заштитениот“ радиус од некое училиште.

Читателите на OhridPress ги следат објавите на оваа тема и реагираат по повеќе основи. Дел се за комплетно дислоцирање на ваквите објекти од градовите, а дел реагираат на растојанието од само 500 метри од училиштата, што реално ја прави мерката несериозна. Дел од нив, на шега предлагаат дека сега е подобро да ги преместиме училиштата, затоа што оваа мерка нема да смени ништо.

Како изгледаат поединечно и детално мапите со круг во радиус од 500 метри околу најголемиот дел од основните и средните училишта во Охрид ОВДЕ. (Крај)

извор: фактор.мк-Петранка Огнаноска/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука