Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерството за транспорт и врски го поништи решението на градоначалникот на Охрид Пецаков, сега нема препрека за градба на спорниот хотел во Лагадин

Охрид, 6. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за транспорт и врски го поништи решението на градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков со кое беше стопирана градбата на хотелот во Лагадин, јави порталот Охрид 1.

Според истиот извор, второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски која одлучува по жалби, во врска со жалбата доставена од инвеститорот на хотелот во Лагадин, одлучила мериторно, односно го поништила решението со кое градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков го прогласи за ништовно одобрението за градба на хотелот во Лагадин. Тоа значи дека Министерството за транспорт и врски ја трга единствената препрека за градба на спорниот хотел во Лагадин.

Ваквата одлука претставува своевиден преседан, дотолку повеќе што во пракса секогаш второстепената комисија носела решенија за повторно одлучување од страна на првостепениот орган. Во овој случај не само што такво решение нема, туку Министерството за транспорт и врски донесеното решение на 01.03.2023 година го прави правосилно. Со ваквата одлука на Министерството за транспорт и врски на инвеститорот му се отвора врата за непречено продолжување со градба на спорниот хотел. Од кои причини и од кои побуди Министерството за транспорт и врски носи ваква мериторна одлука и ја прогласува за правосилна, без претходно да го врати предметот на повторно одлучување останува нејасно.

Порталот потсетува и на изјавата на поранешниот премиер на Република Македонија Зоран Заев на партиска трибина во Охрид дека „самиот ќе се заложи за да му се обезбедат услови за продолжување со градење“.

Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS вчера излегоа со информација до министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, како претседателка на Националната комисија за UNESCO, дека продолжува да се доградува спорниот хотел во Лагадин.

– Она што e напишано во извештајот не соодветствува со реалната состојба на терен. Иако во препораката се бара уривање на недовршениот хотел во Лагадин, не само што тој сегмент не е исполнет, туку хотелот викендов се доградува. Бараме институциите да ги исполнат реално препораките, а не да одолговлекуваат со години. Дополнително, нема ажурирана карта со урнати дивоградби, онаму каде пред камери покажаа некаква активност, тие објекти после извесно време се доградени и повторно функционираат. Нема листа на приоритети за уривање и за општините Струга и Дебрца, јавноста не ни знае колку вкупно објекти во тие општини се нелегални градби. До кога ќе се лаже и прикрива дека постои некаква кооперативност од македонска страна? Зошто не започна исполнување на листата барања која ви ја доставивме кон крајот на минатата година, а која од нас ја побаравте? Во која фиока е ставена? Како ќе се спроведуваат препораките, кога од страна на институциите нема воопшто волја за акција? – прашуваат од Охрид SOS.

Додаваат дека во извештајот за состојбата на природното и културно наследство на Охридскиот Регион доставен до UNESCO од страна на Министерство за култура пред еден месец, на страница 24, како одговор на препораката 2d на Реактивната Мониторинг Мисија од 2020 година е спомнато дека Националниот парк „Галичица“ подготвил инвентар на нелегално изградени објекти доставен до Општина Охрид и Министерството за транспорт и врски, како и листа на приоритетни градби за отстранување, иако такво нешто во јавноста не беше споделено, последно што се објави беше дека имале софтвер за мапирање добиен со донација кој ќе се користел за инвентаризација на нелегални градби. За оваа препорака ништо друго не беше напишано во извештајот, иако имаше уште неколку точки. (Крај)

извор: Охрид 1/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука