Бездомно лице спие кај „Островчето“, може ли Охрид повеќе и подобро?
Охрид, 28. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – И покрај бројните објави на OhridPress и останатите медиуми, појавата на бездомни лица во центарот на градот и понатаму е слика со која се среќаваме секојдневно.
Неодамна OhridPress пишуваше за лицето кое спиеше на Градскиот кеј, на потегот пред поранешниот хотел „Палас“, каде подготвуваше храна и го поминуваше најголемиот дел од денот. Претходно, истото лице спиеше пред нова зграда на булеварот „Туристичка“, за деновиве негов дом да биде охридското „Островче“.
Иако секојдневно поминуваме покрај ова и другите бездомни лица, често без и да ги погледнеме или забележиме, сепак тие се секојдневие во Охрид.
Може ли градот повеќе, може ли да се изнајде решение за овие лица?
Не дали може, туку мора, и тоа без да се бараат изговори и да се префрла топката и ингеренциите на друга страна. Ако некогаш оваа слика можеше да се види само во текот на летната сезона и бевме уверувани дека е „увезена“, сега е повеќе од јасно дека проблемот е реален и се продлабочува. Повеќе лица бараат сместување во напуштени објекти и куќи, а често можат да се видат и како буквално спијат на улица или до некоја куќа или зграда.
Решението мора да е системско и одржливо, за да се стави крај на оваа појава, пред се’ во насока на подобар живот на овие лица, но и на сликата која како град ја презентираме пред посетителите од целиот свет. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |