ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Промовирана монографијата за Марко Пејчиновски „Одисеја 2022 Odyssey“

Охрид, 19. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во охридското „Форт кафе“ синоќа се одржа промоција на монографијата за Марко Пејчиновски „Одисеја 2022 Odyssey“.

Во истата се поместени информации и материјали за неповторливиот успех на Марко, претставен преку фотографии, официјални сертификати со кои беше ратификувано секое од маратонските пливања. Во монографијата се пренесени и видувањата на сите кои, секој на свој начин беа дел и сведочеа за подвизите на Марко.

– Навистина трепери срцето кога треба да се претстави едно дело во кое пренесени натчовечките напори на нашиот Марко. Кога го перципирате ова дело, можете да го поделите на два дела. Едниот е она што навистина претставува спортски и натчовечки потфат на Марко во текот на неговото препливување на Охридското Езеро. Вториот акцент на оваа книга е доста значаен, а тоа е филозофијата на животот. Кога ќе ги читате меѓу редови убавите зборови од неговиот родител, ќе сфатите дека всушност Марко, препливувајќи го езерото, со секој завеслај, тој укажува на еден копнеж. Со секое земање воздух, тој се надева дека и оваа препрека ќе ја направи надминлива, порача пред присутните историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе.

Тој додаде дека самата книга „Одисеја“ го опишува херојството на Марко низ далгите кои што живот значат… За да се ослободи од своите емоции кон својот завет и заветот кон своите најблиски. Секој завеслај значи емоција, секој вдахнат здив мисла. Честопати кон она што го ветил, а како Oдисеј повторно се враќа, без разлика на временскиот интервал, оттаму каде што започнал… во синото наше езеро.

Од 12-годишна возраст Марко поставува рекорди во водите на Охридското Езеро во родната Република Македонија. Помеѓу 27-ми и 28-ми август минатата година, тој пливаше патека со должина од 63,84 километри од Охридското пристаниште до Струга, па до Свети Наум и назад до пристаништето во Охрид за време од 21 час и 41 минута со две застанувања од вкупно 9 минути и 46 секунди.

Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, на талентираниот охридски пливачки херој му ја додели наградата за спортски подвиг на годината. Марко ја доби престижната награда за вкупно препливани 250 километри изминатото лето во водите на Охридското Езеро.

Светската асоцијација за пливање на отворени води (WOWSA) и официјално ги верификува сите 10 препливувања на охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски, во вкупна должина од 250.27 километри.

Во интервју за Супер радио и OhridPress, тој истакна дека со неговата „летна авантура“, како што ги нарече 10-те препливувања, сака ги инспирира и мотивира сите спортисти од Република Македонија, бидејќи имаме потенцијал и талент кои треба да се искористат.

Повеќе за подвигот на Марко ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: МЕГА Продукција

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука