Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Бистата на Славко Јаневски во Струга беше осквернавена и во 2021 година

Струга, 20. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – По објавата дека бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е исчезната од постаментот во Алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, да се потсетиме дека ова не се случува прв пат.

Имено, бистата на Јаневски како и на Анте Поповски беа вандализирани и во октомври 2021 година.
Бистата на Поповски беше фрлена во водите на Охридското Езеро, додека, онаа на Јаневски беше оштетена и свртена наопаку на постаментот.

Последниот случај е пријавен во Полициската станица во Струга од страна на директорот на Струшките вечери на поезијата (СВП), Тодорче Тасевски.

Можно е да е слика од споменик, трева и текст кој вели „славко“

– Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови, додава директорот Тасевски.

Од фестивалската управа апелираат до сите граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука