Економија Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Започна уривањето на фонтаната на плоштадот кај Чинарот во Охрид

Охрид, 27. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на денешниот ден започна уривањето на фонтаната на плоштадот кај Чинарот во Охрид.

Од Општина Охрид за Супер радио и OhridPress информираа дека сега се урива само фонтаната и тој простор соодветно ќе се уреди, а штом се добие одобрението за реконструкција, ќе стартуваат и соодветните градежни работи.

Реконструкцијата на плоштадот беше дел од изборната програма на градоначалникот Кирил Пецаков. Тој на почетокот на јануари годинава најави дека проектот е вреден 47 милиони денари. Според проектот, плоштадот, ќе добие нов, современ лик, со нова урбана опрема, клупи, канделабри, лед светилки, канти за отпадоци. Во текот на месец март се вршеа археолошки истражувања, како дел од постапката за добивање на одобрението за реконструкција.

Плоштадот кај Чинарот години наназад чека на реконструкција. Несовесни лица во фонтаната досега фрлаа сé и сешто, некои си зедоа за право и да ги искршат мермерните плочки, а и годините и временските прилики оставиле печат врз неа. Во неколку наврати само беше санирана и чистена, но сепак беше непријатна слика за охриѓани, но и за посетителите.

Граѓаните преку коментари на социјалните мрежи го одобруваат денешното рушење на фонтаната. Се надеваат дека за скоро конечно ќе добијат место со корисен и уреден простор, кој ќе биде вистинска атракција како за нас така и за туристите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука