Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Да ги прашаме граѓаните на Охрид и Струга кој им е најголем проблем, сите ќе кажат – решавањето на инфрастуктурата

Скопје, 30. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Законските измени ќе ни овозможат повеќе работа на терен, побрза реализација на проектот во рокот што го побара Владата од компанијата Бехтел и Енка.

– И по сегашната законска легислатива овој проект може да продолжи да се реализира, но доколку сакаме тој да заврши во пократки рокови тогаш добро е да се влезе во корекција на законите за да може овој проект да се работи побрзо и секако граѓаните да имаат можност многу побрзо да ги користат овие автопатски делници, истакна минстерот Благој Бочварски во интервју за МИА.

Осврнувајќи се на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, министерот Бочварски потенцира дека со измените само се намалуваат роковите за проектирање и изградба и се запазува сегашната регулатива на изготвување на проекти со сите фази и ревизја.

– Правиме постапка за проекти од стратешки национален интерес, каде што ќе бидат реализирани овие урбанистички проекти со пократки рокови, каде што институциите кои што даваат мислења мораат во пократки рокови да одговорат за да може да биде одобрен инфрастуктурниот проект. Кога станува збор за Законот за градење, таму велиме дека најпрвин мора да биде одобрен урбанистичкиот проект кој што ја утврдува трасата. Кога ќе биде одобрен појасот каде што ќе поминува идниот автопат тогаш проектантот и изведувачот можат да започнат со градба на пооделни делници односно фазно градење Тоа значи дека имаат проект со ревизија, со сите статички документи и геомеханички испитувања, се што е потребно во делот на одобрувањето на проектот, но ќе почнат да го градат фазно. Кога ќе ја комплетираат целата делница со градење тогаш поднесуваат барање со проект за употреба. И тогаш се дава дозвола за употреба на тој автопат. Така што не се заобиколуваат процедурите, важно е дека наоѓаме модел со цел да овозможиме фазно да се гради секоја оделна делница со цел да заштедиме на време, изјави Бочварски.

Во однос на ефектите од побрза изградба, тој потенцира дека економските придобивки од развој на регионите се несомнени. Дополнително со брзата изградба ќе се зголеми и безбедноста во сообраќајот преку намалување на сообраќајните незгоди што се случуваат на постоечките делници од овие траси.

– Верувајте, една или една и половина година доколку заврши порано целиот проект тоа значи многу за економијата, за безбедноста во собраќајот за регионите. Ајде да отидеме во Битола, во Прилеп или во Тетово и Гостивар, Струга и Охрид, да ги прашаме граѓаните кој им е клучниот и најголем проблем на граѓаните од тие региони. Сите до еден ќе кажат, клучно прашање е решавањето на инфрастуктурата. Сме земале обврска и во програмите на Владата дека инфрастуктурата мора да ја подобриме, истакна Бочварски во интервјуто за МИА. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука