Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Се зборува на Facebook: Се урива фонтаната, плоштадот кај Чинарот ќе добие нов лик

Охрид, 30. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Информацијата дека започна уривањето на фонтаната на плоштадот кај Чинарот во Охрид, деновиве е помеѓу најчитаните на Facebook профилот на OhridPress деновиве.

Од Општина Охрид за Супер радио и OhridPress информираа дека сега се урива само фонтаната и тој простор соодветно ќе се уреди, а штом се добие одобрението за реконструкција, ќе стартуваат и соодветните градежни работи.

Реконструкцијата на плоштадот беше дел од изборната програма на градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. Тој на почетокот на јануари годинава најави дека проектот е вреден 47 милиони денари. Плоштадот, ќе добие нов, современ лик, со урбана опрема, клупи, канделабри, лед светилки, канти за отпадоци. Во текот на месец март се вршеа археолошки истражувања, како дел од постапката за добивање на одобрение за реконструкција.


Читателите на OhridPress во најголем број го поздравуваат почетокот на работите, особено отстранувањето на фонтаната, која долги години наназад не се одржуваше, често беше полна со ѓубре и претставуваше лоша слика пред гостите. Се потсетува и на дивоградбата веднаш до Чинарот, а дел се и против рушењето на фонтаната, кое е дел од комплетното уредување на плоштадот и потенцираат дека можело да се санира и да се одржува редовно. Охриѓани апелираат се’ што ќе се направи, да се одржува за да не потклекне повторно под забот на времето. Годиниве наназад, OhridPress во повеќе пати пишуваше за состојбата во која се наоѓа фонтаната со апел до одговорните да се најде трајно решение на проблемот.  (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука