Избор Култура

Во Охрид беше промовирано творештвото на Искра Пенева од Србија

Охрид, 5. јули 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на годинешното издание на Струшките книжевни средби, кои се одржаа во Струга, Вевчани и Охрид, беше промовирано и поетското творештво на гостинката од Република Србија, младата поетеса Искра Пенева.

Пенева е родена во Белград, живее и работи во Србија.

Пред охридската публика промоторот Христо Петрески говореше за неколкуте значајни сегменти, кои ја карактеризираат поезијата на Пенева. Според него, првиот елемент е специфичноста на женското писмо, потоа како втор елемент се јавува урбаната лирика. Третиот елемент значаен за творештвото на Пенева, како што потенцираше Петрески, е концизниот исказ и крајниот четврт елемент, постмодерниот израз, како автоиронија, односно автопоглед и автосовет.

-Сето ова е споено во песните на Искра Пенева. Мене сето ова ме поттикна и на малку подлабока анализа, за прашањето кое го имаат покренато аналитичарите, дали гтреба да се говори за женското писмо, како одвоено, или не. Односно, дали има потреба од тоа да се двои книжевноста на машка и женска. Според едни аналитичари, женското писмо е светло, според други, е темно. Има и некои авторки, кои самите сметаат дека женското писмо е почувствително, посензибилно, поранливо и поискрено. Песните на Искра Пенева диктираат чувствителни моменти. Во нејзината поезија има прецизност, егзактност, односно нема вишок зборови. Може да се каже дека Белград, како да живее во поезијата на Пенева. Со тоа, нејзината поезија е доста урбана, вели Петрески.

Како што напомена Валерио Орлиќ, кој исто така беше промотор на поетското творештво на младата авторка Пенева, таа е препознатлива по чистотата на јазикот со која ја пренесува емоцијата во поезијата.

peneva2

-Она што го пишува Пенева, е како благодет, пропратено со мистичност. Додека се мешаат горчината и благоста, мирот и немирот, љубовниот занес и еросот, не престануваат емоциите во душата на нејзината поезија. Напати, тие имаат повишен тон, напати, се смирени. Зборовите кои ги користи Пенева, се како мешавина на ветар, сонце и море, дозволувајќи му на читателот постепено да навлегува во длабочината на нејзината емотивна поезија, објасна Орлиќ.

Промоцијата беше организирана од Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга како дел од предвидените активности во рамките на годинешното издание на Струшките книжевни средби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука