ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Викендов ќе се одржи Планинско-Езерскиот фестивал „Охрид-Галичица 2023“

Охрид, 12. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Авантуристичкиот клуб Mountain Madness по четврти пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање.

Авантурата започнува во сабота на 17-ти јуни со велосипедска тура околу Охридското Езеро и на локации покрај езерото. Оваа тура се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро (21-ви јуни). Авантурата продолжува во попладневните часови со логорување во месноста „Корита“ каде се организира камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата. Главниот настан, искачување до врвот „Магаро“ ќе биде во недела, на 18-ти јуни, од 08:00 часот. Акцијата започнува со стартна точка од месноста „Липова Ливада“ на 1.600 мнв.

Жанко ЗШ Голабоски од клубот Mountain Madness ветува многу забава и интересни настани во текот на овие два дена. Додава дека интересот е голем, а предноста оваа година е што секој учесник ќе може да си одбере на кој настан ќе учествува. Тој изрази благодарност до сите волонтери што учествуваа на еко акциите реализирани изминатиов период.

– Покана до сите љубители на природата да учествуваат на фестивалот на планината и езерото. Ветуваме многу забава и интересни настани. Фестивалот се одржува веќе четврта година по ред, од година во година расте и бројот на настани. Од еколошки акции, велосипедски тури, до искачување на „Магаро“ и забава на плажа. Предноста оваа година е што секој учесник може да си одбере на кој настан ќе учествува. Некој може да присуствува само попладнето на 17-ти да е дел од кампот, логорување, гитара, музика малку мезе, некој сака да е цел ден на плажа на забавата Љубаништа во недела, некој ќе комбинира повеќе настани. Некој може да дојде во недела на стартот од „Липова ливада“ да учествува на качување на „Магаро“, некој може да се приклучи на пријателите од Ресен да извози низ Галичица и да дојде следниот ден да пешачи на „Магаро“. Во склоп на овој фестивал ќе имаме уште едно искачување, тоа ќе биде есен на „Магаро“ и ќе случи на крај на септември почеток на октомври. Благодарност за поддршката до Општина Охрид, НП „Галичица“, а имаме и доста помагатели, фирми и луѓе што го поддржуваат овој фестивал, вели Голабоски.

Тој потенцира дека овој период е избран за одржување на фестивалот бидејќи на 21-ви јуни се одбележува Денот на Охридското Езеро, а преку овие настани сакаат да испратат порака до гостите и туристите во Охрид дека во едне ден може да се биде на највисоката точка на „Магаро“ 2.255 мнв, а после тоа и да си на плажа.

Инаку за време на фестивалот за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен. Обезбеден е автобуски превоз од Охрид до стартот и назад по симболична цена. Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршутата и правилата поставени од организаторот сами одоговараат за последиците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука