ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Охрид некогаш: Скок од „Кукуле“ на Ќиро Мешковиќ во далечната 1928 година (Фото)

Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска, на првиот ден од летото, објавуваме прекрасна фотографија од Охрид од едно минато време, објавена на насловната страна од изданието бр. 19 на „Илустровани лист“ од 13-ти мај 1928 година, кое чинело тогашни 3,50 динари.

– Плажа на Охридското Езеро. Мајсторски скок на познатиот млад спортист од Охрид Ќиро Мешковиќ. Млади спортисти и излетници од целата земја. Охридското бело Езеро треба сите да го посетите, стои во описот на фотографијата, која беше објавена на Facebook од Tomo Cerepnalkoski.

И оваа ретка фотографија носи многу детали, кои во споредба со денешен Охрид, покажуваат како се развивал градот во овој дел низ годините. Освен мајсторскиот скок од карпата „Кукуле“ кај црквата „Св. Јован Богослов Канео“, на потегот кај населбата Канео се гледа дека скоро и да нема куќи, особено во горниот дел на ридот. Видлив и е високиот водостој на езерото, а во долниот дел од фотографијата се забележува и некогашниот карактеристичен, стар охридски рибарски чун.

Во секој случај, прекрасната фотографија е вистинска „временска машина“ и не враќа во едно посиромашно, но многу поедноставно и убаво време. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Tomo Cerepnalkoski

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука