Избор Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Случај „Мерко“: „Татко“ Али го дава, Рамиз не се дава

Струга, 22. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Откако американскиот Стејт департмент го стави на црната листа поради сериозни наводи за корупција, се’ поголем е притисокот од сите страни до првиот човек на Струга, градоначалникот од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко да ја напушти функцијата.

Тој и Oпштина Струга, со која Мерко долги години управува, се под лупа на Обвинителството и Судскиот совет од каде во средата, на 21-ви јуни информираа дека ќе извршат проверка на наводите дека е вршено влијание врз одредени судски постапки. Денеска се огласи и македонското Јавно обвинителство од каде потенцираат дека исклучително сериозно ги земаат во предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко врз постапките.

– Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, велат од Обвинителството.

За Мерко во моментов се активни шест постапки во обвинителствата, а изминативе години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.

Првиот човек на македонската Влада, премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно ги повика судските органи да ги истражат наводите на Стејт департментот, а општина Струга да соработува со органите.

– Јас да се најдам на црната листа на САД, како човек којшто дел од своето образование го завршил во САД, не што ќе си дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера, рече Ковачевски.

За него е несфатливо како САД кои се на оддалеченост од 8.000 километри, имаат информации што се случувало во земјата, а македонските истражни и правосудни органи да не располагаат со такви информации.

По молкот на Мерко и на неговата матична партија ДУИ, Ковачевски повторно ги повика советниците во Струга дека треба да размислат како ќе постапат во иднина.

– Избран функционер сам треба добро да размисли, заедно со сите советници, бидејќи Мерко во својата кариера бил дел од ВМРО-ДПМНЕ. Сите советнички групи треба да се погледнат што ќе прават во иднина со градоначалникот, бидејќи се избрани да ги унапредуваат правата на граѓаните, вели Ковачевски.

И Државната комисија за спречување на корупција најавува дека ќе ги презентира своите наводи за работењето на Рамиз Мерко, за кој велат дека уште во 2019 година утврдиле низа злоупотреби:

– Наводите што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија, меѓутоа ништо не беше преземено, вели Владимир Георгиев, член на Антикорупциската комисија.

За него не е изненадување што Мерко се најде на црната листа на САД.

– Изненадување е тоа што повторно нашите институции сега се разбрануваа откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале, вели тој.

Шест постапки

По прозивките зошто сомнежите околу постапките на Мерко и наводите за корупција се видливи само за американскиот Стејт департмент, но не и за домашните судови, од јавното обвинителство информираа дека против струшкиот градоначалник во моментов се активни шест постапки.

Неколку се водат во струшкото обвинителство. Едната е по кривична пријава поднесена од ​повеќе здруженија на граѓани, за злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година.

Друга постапка се води против Мерко и уште две лица по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува. Во тек е и предистражна постапка, по пријава поднесена на 19.05.2023 година.

По пријава на Управата за финансиска полиција отворен е уште еден предмет, против Мерко и уште три други лица.

– Обвинителот што постапува во предметот издал наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител сѐ уште го чека постапувањето по наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година, велат од ЈОРСМ.

Отворена е и постапка по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги. Предметот е во предистрага. Активен е и предметот кој е отворен по анонимна кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и измама против Мерко и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Случајот се наоѓа во фаза на предистражна постапка.

Стејт департментот деновиве соопшти дека Мерко, додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и македонски функционери“.

Координаторот за антикорупција на Стејт департментот, Ричард Нефју, вели дека ставањето на листата на санкции, има цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.

– Рамиз Мерко тешко дека ќе се откаже од градоначалничкото столче. Засега претседателот Али Ахмети успеал да го убеди да се повлече само од партиските функции, изјавиле за „Слободен печат“ партиски извори од ДУИ, чиј член на Централното претседателство и на Генералниот совет на партијата на власт од средата е на црната листа на САД поради „голема корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството“.

Партискиот портпарол Бујар Османи, по два дена молк, информира дека на барање на Мерко, му се замрзнува членството во партиските органи и побара сеопфатна истрага за наводите од американскиот Стејт департмент за струшкиот градоначалник. Османи информираше дека партијата донела три одлуки.

– Институциите веднаш да почнат сеопфатна истрага за Мерко за сите наводи и информации од Стејт департментот. ДУИ ја прифаќа одлуката на Мерко да се замрзне членството во Централното претседателство и во Генералниот совет. ДУИ ја прекинува изборната активност во Струга додека трае истрагата за градоначалникот. Ги повикуваме сите институции да почнат истрага за сите партии и носители на јавни и на партиски функции бидејќи само на тој начин ќе може да се бориме против корупцијата, изјави Османи.

Портпаролот на ДУИ изјави дека САД се нивен најголем стратешки партнер и сојузник и нивните ставови не само што ги почитуваат туку ги сметаат за добронамерни.

– ДУИ има јасни ставови за владеењето на правото, борбата против корупцијата и работењето на носителите на јавните и на партиските функции и таквите ставови се претворени во формални одлуки во партијата, како што се таа за задолжителен ветинг со меѓународна помош за носители на јавни функции и итна институционална верификација на сите јавно изразени сомневања за партиски и јавни функционери на ДУИ, рече Османи.

Впечатливо е дека ДУИ пред неколку години се пофали дека спровела ветинг во партијата, но тогаш за ниту едно звучно име од ДУИ немаше сомнеж дека евентуално е корумпирано. Сега Османи вели дека ветингот го правеле на партиски членови пред да стапат на функција. Тој повтори дека ДУИ инсистира на ветинг и дека предлог-закон за ветинг веќе е доставен до Собранието.

Заедно со Рамиз Мерко на црната листа на личности на кои им се забранува влез во САД се ставени и синот на Мерко, двете ќерки и неговата сопруга.

Повеќе за досието „Мерко“ ОВДЕ. (Крај)

извор: DW/ОхридПрес фото: Petr Stojanovski/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука