ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Отежнат е сообраќајот на одредени улици, поплавени домови, дворови, куќи, а штетата на земјоделските култури ќе биде огромна

Охрид, 24. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Отежнат е сообраќајот на одредени улици, поплавени домови, дворови, куќи, а штетата на земјоделските култури ќе биде огромна, изјави градоначалникот на Охри, д-р Кирил Пецаков по средбата со кризниот штаб на Општина Охрид поради невремето што денес го зафати Охрид.

– Од првичните информации со кои располагаме, отежнат е сообраќајот на одредени улици поради обилните врнежи и големата вода која се уште се слива, има пријави за поплавени домови, дворови, куќи а штетата на земјоделските култури очигледно ќе биде огромна бидејќи невремето кое траеше повеќе од половина час беше проследено со врнежи од град со големина на лешник и орев. Сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање на Територијалната противпожарна единица Охрид, каде во најголем дел се пријавуваат поплавите, истакна Пецаков.

Тој додаде дека се вршат напори со соседните општини за набавка на дополнителен број пумпи, иако колекторот е ставен стопроцентно во функција и во најголем дел од критичните места ќе се исцеди надојдената вода.

– Проблем има на пресекот помеѓу „АСНОМ“ и булеварот „Туристичка“, со струјата која ги снабдува пумпите од колекторот, но се решава. Проблем има и во планинските села каде има наноси од земја. Се надеваме дека до вечер ќе успееме да го нормализираме сообраќајот насекаде. Екипите на општинските Јавни претпријатија остануваат во полна готовност доколку произлезе потреба за брза реакција, потенцира градоначалникот Пецаков.

May be an image of 3 people and body of water

Екипи на општинските Јавни претпријатија веднаш излегоа на терен и ги санираат последиците од невремето што денес го зафати Охрид.

Силно невреме проследено со засилени врнежи на дожд и град, силен ветер и грмотевици, го погоди Охрид, денеска, нешто по 11:30 часот. Град со големина на орев, односно околу 2-3 сантиметри врнеше во поширокиот регион на градот, соседна Струга и Општина Дебрца.

– Вакво невреме во животот не сме виделе, коментираат охриѓани.

Тие се револтирани затоа што не се прави скоро ништо во насока на системска превенција на вакви настани.

– Кое време сме. Се’ е измислено и ракети и авиони, а ние спиеме како и секогаш. Уништено е скоро се’ што посадија земјоделците. Многу е лошо, коментираат охриѓани.

Според првичните анализи, причинета е огромна материјална штета, особено кај земјоделските површини, од кои според коментарите по социјалните мрежи, скоро и да не остана ништо. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука