јуни 26, 2023

Струга, 26. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој од неодамна е ставен на црната листа на САД, денеска соопшти дека ќе биде отворен за соработка за секој процес пред правосудните органи и оти и општината и тој ќе ја достават навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација.

– Од претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга, наведува Мерко.

Тој објаснува дека по најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакал да комуницира во корист на процесите, за кои вели „ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи“.

– Oд страна на Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите. На крајот, сакам да му се заблагодарам на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и поддршката што не ја штедевте и овие денови, за кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на Стружани и за Струга што ја сакаме, се наведува во соопштението објавено на Facebook страната на Општина Струга.

„Беседа за Вудро Вилсон“ го нарече премиерот Димитар Ковачевски соопштението на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко објавено на Facebook страницата на општина Струга, потенцирајќи дека општината требаше веднаш да биде на располагање на истражните органи.

– Гледав дека од сабајле тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн и каде што кажува дека општината е отворена за сите истражни органи кои што треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на црната листа. Тоа што тој го избеседи сабајле јас всушнист го бев кажал и првиот ден дека општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во Свети Николе.

Како што кажа, добро е што јавното обвинителство веќе формирало комисија која што тоа треба да го испита случајот и на таков институционален начин треба да функционира државата.

– Повторувам Владата ниту е обвинител ниту е судија. Јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мора да одат да живеат во други земји, рече премиерот Ковачевски.

Претходно, од Јавното обвинителство на РМ информираа дека четиричлена комисија од јавни обвинители од ЈОРСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник во Основното јавно обвинителство Струга и Вишото јавно обвинителство ЈО Битола.

Од Јавното обвинителство најавија дека по целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.

Обвинителството во четвртокот соопшти дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.

– Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана, соопшти ЈО во четвртокот.

Стејт Депарментот го стави Мерко на црната листа поради корупција и влијание врз судски процеси.

Повеќе за досието „Мерко“ ОВДЕ и ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука