ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Нова водоводна инсталација на улицата „Македонски просветители“ од ЕВН до Пожарна, кракот до „Абас Емин“ ќе се прави наесен

Охрид, 5. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Завршија градежните зафати за целосна промена на водоводната линија на делот од улицата „Македонски просветители“, од ЕВН до Пожарната.

Директорот на ЈП „Водовод“ Охрид, Марјан Ристески, за Супер радио и OhridPress вели дека нивниот дел од работата е завршен, поставена е нова водоводна инсталација на потегот од ЕВН до Пожарната, додека кракот од улицата покрај Пожарна, до пресек со улицата „Абас Емин“ ќе се реконструира наесен.

– Ние со водоводна линија завршивме ја поставивме водоводна линија на потегот од ЕВН до Пожарна, приклучени се сите корисници. Со оглед на тоа што е летен период, кракот од Пожарна до пресекот со улицата „Абас Емин“, планирано е да се дозаврши во есенскиот дел, рече Ристески.

Наспроти Пожарната оставена е отворена една поголема дупка, што дел од граѓаните ја гледаат како потенцијална опасност. Ристески додаде дека таму треба ЈП „Нискоградба“ да направи шахти, што ќе се користат кога ќе треба да се запре водата при некоја интерванција и очекува истото да биде комплетирано за брзо време.

Што се однесува до деловите од коловозот и тротоарите што беа ископани поради зафатите, од Општина Охрид нѐ информираа дека сега ќе се поплочат со бекатон плочки, а наесен ќе се асфалтира.

По честите дефекти на водоводната мрежа на овој потег во април и октомври минатата година промената на водоводната линија на делот од улицата „Македонски просветители“, од ЕВН до Пожарната беше приоритетен проект за ЈП „Водовод“.

Конечно во текот на првата половина на мај годинава започнаа градежните зафати за промена на водоводната инсталација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука