Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид со шмек на главната туристичка сезона, надлежните задоволни од досегашната исполнетост

Охрид, 14. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот туристички центар Охрид добива вистински летен шмек со голем број гости од земјава и странство, полни сместувачки капацитети, кафулиња и ресторани, шеталишта, плажи, паркиралишта…

Топлотниот бран најверојатно ќе придонесе да има и нов бран туристи претојниов викенд во Охрид.

Од досегашната исполнетост на градот задоволни се од Секторот за туризам и локален економски развој.

– Задоволни сме, градот се наполни, угостителските објекти работат. Веќе од денес натаму се очекува да биде уште поголема посетеноста. Мислам дека сезонава ќе биде успешна има понуда за сечиј вкус, бројни настани и концерти, вели за Супер радио и OhridPress, Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР.

Бројот на туристи во градов, домашни, а особено странски е во пораст. Чартер летовите и воведувањето нови дестинации со кои сме авионски поврзани придонесе сезоната да започне многу порано. Скок на гости во првите четири месеци од 2023 година се бележи од редот на турските, српските, холандските, германските, португалските и полските туристи.

Според податоците од МВР, бројот на туристи пред самиот ек на туристичката сезона е зголемен за 40% – престој на странци до 3 месеци, годинава таа бројка изнесува 50.817 лица странци во споредба со истиот период минатата година кога таа бројка изнесуваше 36.843. Протокот на патници на граничните премини кои спаѓаат во склоп на РЦ Запад споредбено со истиот период од минатат година 2023/2022 бележи зголемување за 16% односно регистрирано е влез/излез 1.527.153 во споредба со минатата година кога бројката беше 1.320.304 патници.

Кон раст на бројките придонесуваат репортажите за убавините на Охрид објавени на страниците на светски познати магазини, популарниот Милош Петровиќ преку неговиот блог Putuj.rs со видео ги кани Србите да го посетат градот под Самуиловата тврдина, а најдобрите атракции во преубавиот Охрид се претставија и на популарното дневно телевизиско шоу „This Morning“ кое се емитува во Обединетото Кралство на телевизијата ITV.

По пауза од две години, оваа сезона се уредија и почнаа со работа плажите, дел од нив на најатрактивните локации на крајбрежјето, што дефинитивно ќе ја збогатат понудата.

Сето ова во комбинација со солидната понуда на настани, од областа на културата, но и забавата, што ќе кулминира околу празникот Илинден, придонесува да очекуваме дека ќе имаме повеќе од успешна сезона. Од Агенцијата за туризам велат дека со порастот на бројот на туристи и остварени ноќевања годинава во македонскиот туризам ги има сите услови кумулативно да ја надмине 2019 година по бројот и остварените ноќевања приближувајќи се до 530 милиони долари девизен прилив од туризмот во македонската економија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука