Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Трговскиот синџир LIDL на 3. август ќе започне со градба на објект во Битола, ќе се отвора маркет и во Охрид

Битола/Охрид, 21. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Големиот германски трговски синџир LIDL, во четврток, на 3-ти август 2023 година ќе започне со градба на маркет во Битола.

Истиот ќе биде лоциран на кружниот тек на „Дулие“, на местото на старата млекара, под Еврејските гробишта, јави порталот bitolanews.mk.

Според истиот извор, деновиве градежни екипи го исчистиле просторот, кој е заграден и ја поставиле градежната табла на која може да се прочита дека маркетот ќе се гради една година, до 3-ти август 2024, дека изведувач на работите е „Фабрика Карпош“ АД Скопје, а проектант „Иванов Инженеринг“ од Битола.

По влегувањето во Словенија, Хрватска и Србија, германскиот трговски синџир LIDL ќе го отвори својот прв супермаркет и во Македонија, објави во 2021 година специјализираниот портал „Јуропеан Супермаркет Магазин” (ЕСМ), со седиште во ирскиот главен град Даблин. Според ЕСМ, германската компанија регистрирала своја подружница во земјава, која ќе биде под надлежност на бугарскиот огранок на LIDL. Тогаш беше објавено дека LIDL ќе стартува со една продавница и тоа во туристичкиот центар Охрид, кај новата автобуска станица.

Битиќи: Преговараме нашите продукти да станат дел од глобалниот ланец на ЛИДЛ

Во 2021 година, Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска Претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, во интервју за МИА откри дека се разговара и за тоа дали постои можност и македонските производи да станат дел од овие маркети.

– Тоа е голема инвестиција и требаат поприлично многу подготовки. Но, она што е клучно е дека ние не ја третираме само како инвестиција со која доаѓа еден голем бренд во земјава. Во овој момент преговараме со нив дали нашите производи ќе станат дел од ланецот на набавка на LIDL, дали преку влегувањето на LIDL во нашата земја ќе успееме производите кои се произведуваат кај нас да ги ставиме во глобалниот синџир на LIDL. LIDL е важен затоа што ќе донесе некои продукти, кои во моментот можеби ги немаме, но за нас е битно нашите продукти да станат дел од ланецот на LIDL. Мене ќе ми биде задоволство да видам наши домати да се продаваат во LIDL во Германија, истакна тогаш Битиќи.

Интересот на компанијата за отворање супермаркети во земјава следи откако била отворена продавницата во Врање, што привлекло голем број купувачи од Македонија, но и од Косово. (Крај)

извор: bitolanews/ОхридПрес фото: bitolanews/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука