ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Јованоски: Охрид заслужува да има врвен настан како пливачкиот митинг „Ohrid Open“ (Фото/Видео)

Охрид, 21. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Утре во Охрид на градскиот базен „Атина Бојаџи“ ќе се одржи Третиот меѓународен пливачки митинг „Ohrid open 2023“, во организација на пливачкиот клуб „Акваспирит“.

Над 200 учесници поделени во шест возрасни категории ќе се појават на стартните блокови на базенот. Со тренерот Миле Јованоски поразговаравме за текот на подготовките на годинашното издание на митингот, условите за пливање во Охрид и важноста од постоењето на соодветна инфраструктура за редовни тренинзи како гаранција за одлични резултати.

Супер радио: По трет пат го организирате пливачкиот митинг. Какви се искуствата што ги имате од претходните две изданија во реализација на годинашното издание?

Јованоски: Секоја нова организација се обидуваме да внесеме нешто ново, секоја година е нов предизвик. Се разбира после подолга пауза, повеќе од 10 години немаше пливачки настан на базен во Охрид, ние направивме еден чекор, се охрабривме, секако со поддршка на локалната самоуправа и дел од економски оператори. Предизвивите секогаш се големи. Како што знаеме сите нашата инфраструктура, тука зборувам за базенско пливање, не е совршена, правиме напори тоа да го подобруваме од година во година, се координираме со јавното претпријатие што стопанисува со базенот, така што се надевам зголемувањето на бројот од година во година на учесници ни дава оптимизам да веруваме дека одиме во права насока меѓутоа уште треба да се работи. Охрид е место што заслужува да има врвен настан од ваков тип.

Супер радио: Колку имате досега пријавено учесници и во колку категории ќе се натпреваруваат?

Јованоски: Согласно пропозициите на митингот пливачите ќе се натпреваруваат во шест возрасни категории во машка и женска конкуренција, од најмали 2012/13 година па до сениори 2005 година и постари. Пријавите и натаму се отворени, досега согласно очекувањата имаме околу 200 деца што ќе застанат на стартните блокови и ќе испливаат трка. Ќе учествуваат повеќе од 20-на клубови ширум земјава, очекуваме и од надвор гости. Од Македонија покрај од Охрид, има деца од Струга, Скопје, Битола, Штип. Митингот предвидува два натпреварувачки дела и тоа утрински почнува со расплив од 08:00 часот, потоа има свечено отворање, па следат трките. Ќе има сукцесивно доделување на медали, после секоја една или две дисциплини. Првиот дел се надеваме да заврши околу 12:00 часот. Попладневниот термин е од 16:00 часот со расплив, а од 17:00 часот да започнат трките, но поради високите температури може да има поместување на терминот, но тоа ќе биде во координација со делегатите, судиите и тренерите.

Нема опис за фотографијата.

Супер радио: Споменавте колку е важна инфраструктурата, колку ќе биде значајно ставањето во функција на покриениот пливачки базен?

Јованоски: За постигнување врвни резултати мора да има соодветна инфраструктура, пливањето е спорт што е широко распространет на сите меридијани, секаде се вложува во пливањето, имаат одлична инфраструктура, така што ние доколку би сакале да држиме чекор со најдобрите мора тоа час поскоро да се реши. Знаеме сите 2015 година почна изградбата на покриениот пливачки базен во Охрид, но сé уште чекаме да дојде денот кога првите пливачи ќе запливаат во него. Тука нема простор за импровизации, со работа преку лето од два месеци можеме само да гарантираме дека во рамките на школата дечињата ќе научат да пливаат, ќе се ослободат, ќе ги направат првите чекори и можеби некои понапредни да дојдат до некое попристојно ниво, но тоа е далеку од она што би требало еден пливачк клуб да го продуцира. Ние сме свесни за тоа, ентузијазмот сé уште кај нас е на високо ниво, се трудиме да се надградуваме, меѓутоа во овој момент мора да бидеме реални, да погледнеме на вистината в очи и да чекаме соодветни услови за поголеми чекори напред.

Супер радио: Дали и во вакви услови можеби се насетува некоја нова плвачка надеж

Јованоски: Јас тоа повеќе пати сум го кажал, распределбата на таленти е статистичка категорија, верувајте секаде има таленти, најважно е да ги препознаваме и правилно да ги насочиме,потоа доаѓа најтешкиот, најмакотрониот дел, да се работи со нив. Таленти има, тоа го гледаме секојдневно и во нашата школа, се среќаваме со повеќе од 150 деца од различна возраст, има дечиња што едноставно како да се да речам родени во вода, како да е водата нивна првична средина. Но, како што кажав, со два месеци преку лето ние можеме да ги издигнеме до некое ниво, но за натпреварувачки успеси во национални рамки и многу пошироко треба многу повеќе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука