ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Наставникот по историја Игорче Дунимаглоски за новата концепција во основното образование: Ова нема контакт со реалноста!

Скопје, 23. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – На нешто повеќе од една недела од официјалниот почеток на учебната година, наставникот по историја Игорче Дунимаглоски, на неговиот профил на Facebook го објави својот став во однос на новата концепција во основното образование.

Истиот го пренесуваме во целост.

Како наставник по историја имам должност и одговорност јавно да го искажам мојот личен став за новата концепција во основно образование. Ве молам за внимание и трпение затоа што ова што го прават е хаос. Како прво оваа предвидена концепција нема никаква суштина, нема логика зошто се спроведува!? Интегрирање на предмети, а се предаваат одделно.

Предмет: Историја и општество

3 модули:

– Историја, (ќе се предава во период: 1 септември 2023 до средина на февруари 2024 година)
– Географија (ќе се предава во период: средина на февруари 2024 до средината на мај 2024 година)
– Граѓанско образование (ќе се предава во период: средина на мај 2024 година до крај на година).

Јас како наставник по историја букално ќе ги „бомбардирам“ децата со милион информации само до средината на февруари 2024 година и ќе работиме на следните теми: (Месопотамија, Египет, Индија, Кина, Феникија, Критско-микенската култура и уште 80 други теми… Од предвидени 62 часови за овој предмет ние со децата секој час да учиме по 3 теми нема да стигнеме се да поминеме. А имајте во предвид дека потребно е да имаме часови за повторување и испрашување.

Па како тоа?

Потоа, учениците ќе следат модул географија (за што не би сакал да коментирам), а јас верувале или ќе треба да реализирам изборни предмети според потребите на децата. Тогаш јас (и не само јас туку сите мои колеги) станувам/е специјалист/и за:

1. анализирање и пишување поезија, математичко-логичко, резонирање, заштита на животната средина, етика на религиите, класична култура, жените низисторијата, програмирање, сликање/цртање/вајарство, соло пеење, народни ора.
2. фотографија, градинарство/хортикултура, театарски работилници, готвење, резбарство, оригами, моделарство
3. образование за животни вештини, образование за родова еднаквост, мултикултурниработилници, финансиска писменост
4. фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг, јога, пилатес, модерен танц

Нема потреба децата да одат на дополнителни активности после училиште, тука се’ ќе биде на едно место, тука ќе научат се’.

И од средината на мај бујрум, повторно со мене, модул: Граѓанско образование. Е, овде следува уште поголема трагедија. Во период од средината на мај 2024 до крајот на годината (дали знаат во пракса дека децата во овој период учат со намален интензитет? Народски кажано, не им се учи), ама затоа јас во последните 10 часови од предметот Историја и општество ќе започнам да зборувам на темите: Демократија и демократско уредување (современа демократија, атинскадемократија, непосредна и претставничка демократија, претседателска и парламентарна демократија, демократски избори, референдум, право на глас, граѓани), поделба на власта (Устав, закони, власт, законодавна, извршна и судска власт, Претседател, Собрание, пратеници, Влада, министри, судови, судии, корупција), владеење на правото (еднаквост пред законите, одговорност пред законот, праведен и непристрасен правен систем, достапност до правда и транспарентност), принципи на добро владеење (отчетност, транспарентност, непристрасности одговорност).

Па добро, дали е ова нормално? Дали може деца за 10 часови овие термини да ги совладаат? Ова се теми за деца од 8 и 9 одделение! Кој го пишувал ова? Кој го создал ова? Ова нема контакт со реалноста! Овој хаос треба да се поништи!

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука