ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Локалитетот „Дувало“ – сулфатарата во Косел чекор поблиску до статусот природна реткост

Охрид, 29. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Градските советници, на денешната 31-ва седница на Советот на oпштина Охрид, со мнозинство гласови ја изгласаа и Предлог Одлуката за предлагање за прогласување на локалитетот „Дувало“ – сулфатарата во село Косел во категорија – природна реткост.

Долги години локалитетот „Дувало“ се сметаше (па дури и прифатено како такво од делови на научната заедница) за „единствениот активен вулкан на Балканот“. Ова се должело пред се’ на присуствуто на гасот H2S, односно сулфурводород, кој, доколку не се работи за области со хидротермална активност, е карактеристичен за ареали во кои се одвиваат вулкански процеси.

Присуството на „кратери“, од кои повеќето претставуваат остатоци од рударска активност во минатото, или пак од бушотини кои се правеле со цел да се испита внатрешноста на почвата, како и повремената емисија на чад од отворите, каква последен пат е забележана во 2014 година при зголемена подземна активност во локалитетот, исто така служеле како поткрепа на „вулканската“ претпоставка. Во прилог на таа теорија оди и тоа што за време на сушните периоди се чувствува посилен мирис на сулфур и се слуша звук на свиркање, додека за време на влажни периоди од внатрешноста на отворите се слуша клокот.

На голем дел од локалитетот постојат неприродни засеци на теренот, за кои се смета дека се последица на експлоатацијата на сулфур во минатото. Имено, овој локалитет бил познат откога постои и населението во овој крај, но бил особено интересен во периодот помеѓу 16 и 19 век, кога тука, за време на Отоманската империја, се вршела експлоатација на сулфур. Сулфурот, кој бил носен најпрвин во тогашен Цариград, а подоцна и во Солун, се користел за производство на барут. Постојат пишани документи кои сведочат дека во тоа време, околу 150 работници од околните села работеле на овој локалитет и годишно, од реонот на Косел, но и од областите на Велгошти, Илино, Рашанец и Скребатно, ископувале во просек по 800 до 1200 кантари сулфур (1 кантар = 56,4 кг). За транспорт биле ангажирани по 300 коњи од Битолскиот, Леринскиот, Прилепскиот и други кадилаци (области во надлежност на еден кадија), а за работата во рудникот на работниците еден дел им се исплаќал во пари, а дел им се задржувал како отплата на џизијата (данокот). Експлоатацијата била прекината во 19 век.

Научните истражувања на феноменот на дувалото започнале некаде на почетокот на 20 век и траат до денес. Со најновите сознанија точно е утврдено дека дегасирањето не е последица на некаква вулканска активност затоа што никаде во оклината не е утврдено присуство на магматски вулкански карпи од блиското геолошко минато, ниту пак постои некое сведоштво за каква било вулканска или поствулканска активност.

извор: ОхридПрес фото: Дарко Андоновски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука