Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“

Охрид, 24. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Црвен крст денеска ја организира традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“.

Истата ќе се реализира со почеток во 11:00 часот со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштад „Чинар“, а цел на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.

– Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, тенис, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, тридневен престој на Златибор, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо во втората половина на октомври, информираат од Црвен крст Охрид.

Традиционален партнер на акцијата е Стоматолошкиот Центар „Д-р Баткоски“, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, на улицата „Димитар Влахов“ бр. 52. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука