ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Уставниот суд нема да ги разгледува барањата на здруженијата „Цар Борис III“ и „Иван Михајлов“

Скопје/Охрид, 4. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Уставниот суд вчера ја отфрли иницијативата на битолчанецот Љупчо Георгиевски од поранешното здружение „Иван Михајлов“ за оценка на уставноста на ретроактивното дејство на измените на Законот за здруженијата и фондациите од ноември 2022 година, со кои се утврди дека во називите на граѓанските организиации не смее да има имиња на лица поврзани со фашизам, нацизам, Третиот рајх итн.

Од Уставниот суд информираат дека е отфрлена иницијативата за оценување на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, бидејќи Судот веќе се има произнесено по ова прашање.

Првичната одлука по слична иницијатива е донесена во мај 2023 година и сите слични иницијативи што во иднина би пристигнале во Судот со барање за поништување на повратното дејство на законските измени, а со што би се отворил пат за „оживување“ на здруженијата на македонските Бугари „Цар Борис III“ и „Иван Михајлов“, нема да бидат разгледувани, затоа што за тоа веќе е одлучено.

Клубот „Цар Борис III“ беше отворен на 7-ми октомври 2022 година во Охрид од страна на Здружението кое го носи истото име, а кое беше формирано претходно. Истовремено со отворањето на клубот, пред просториите каде се наоѓаше, беше организиран протест, кој помина без инциденти иако на моменти атмосферата беше тензична. Седиштето на Здружението во три наврати беше мета на уништување, со кршење на стаклата на канцеларија и оштетување на светлечката реклама. (Крај)

извор: slobodenpecat.mk фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука