ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Спорт ТОП ВЕСТИ

Охриѓанецот Димитар Пејчиновски освои трето место на завршниот турнир во Јадранската текбол лига

Охрид, 5. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот репрезентативец во текбол, охриѓанецот Димитар Пејчиновски го освои третото место на завршниот турнир во Јадранската текбол лига, што се одржа во Скопје.

Пејчиновски играше во пар со Радослав Митро и успееа да стигнат до полуфиналето.

Јадранската лига се одржуваше во периодот од 30-ти јули до 30-ти септември, а домаќини на натпреварите покрај Скопје беа и градовите Сараево, Бар, Задар и Златибор.

Пејчиновски во изјава за Супер радио и OhridPress не го криеше задоволството што успеа да оствари одличен пласман во сопствената земја.

– Пресреќен сум што успеав во Македонија да остварам пласман во полуфинале. Инаку, во полуфиналниот меч изгубивме од црногорска екипа, а турнирот го освоија српските претставници. Би сакал да упатам пофалби до организацијата на комплетната Јадранска лига и се надевам дека овој проект ќе заживее и ќе стане дел од натпреварувачкиот календар секоја година, рече Пејчиновски.

Следен предизвик за Пејчиновски е учество на Светско текбол првенство што од 29-ти ноември до 3-ти декември ќе се одржува во Тајланд. Тој се надева дека состојбата организациски ќе се среди, дека ќе се изнајдат средства за да може да отпатува и да се натпреварува рамо до рамо со светските прваци во текбол.

Во неодамнешното интервју за Супер радио и OhridPress тој истакна дека во Македонија за жал текболот сé уште е на ниско ниво, но состојбата полека се подобрува и во скоро време и Охрид ќе добие маси за текбол.

Инаку Пејчиновски освен за македонската репрезентација, активен е и на клупско ниво, член е на новосадскиот клуб „Лиман“, а има учествувано на 30-на турнири низ цела Европа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Димитар Пејчиновски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука