ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Во Софија отворена изложбата „105 години Требениште“

Софија/Охрид, 9. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Ексклузивната изложба „105 години Требениште“ беше отворена вечерва во Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Република Бугарија во присуство на функционери и претставници од институциите на трите држави, Република Македонија, Бугарија и Србија.

Заменик-министерот за култура Даим Лучи истакна дека на 100-годишнината изложбата ја промовиравме во Скопје, сега во Софија, а во 2025 година во Белград.

Тој напомена дека благодарејќи на искрените намери и на огромниот труд на експерти од повеќе области од трите држави, пронајденото повторно се спојува во својата целина.

– Некои генерации имаат задача да го откријат, некои да го ископаат, некои да го однесат, а денешните генерации ја имаат честа тоа да го видат заедно, на едно место, во целина. И преку културата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство, исто така, да ги поврзе земјите од Западен Балкан врз темелите на европските вредности, истакна Лучи.

Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, која во партнерство со колегите од Националниот археолошки институт со Музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија од Белград и Завод и Музеј Охрид работеше на проектот, зборувајќи за европските вредности на оваа изложба изјави:„ Требениште и неговите раскошни наоди во XXI век добија нова димензија: станаа предизвик за заедничка врвна професионална работа и симбол за заедничка цел за реализација на оваа изложба од страна на музеите во Софија, Белград и Скопје. Во овие години Требениште стана показател за успешен меѓународен проект, за чија реализација се потребни огромен ентузијазам, меѓусебно разбирање, знаење и посветеност на професионалците од трите соседни балкански држави“.

Златните маски од Требенеште и стотината непроценливи артефакти кои говорат за аристократијата во шестиот и петтиот век пред нашата ера на крајбрежјето на Охридското Езеро, ќе бидат во 2025 година изложени во Белград, а потоа и во повеќе европски градови. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука