Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Институт за јавно здравје: Две лица во Охрид се хоспитализирани со дијагноза Ковид

Скопје/Охрид, 9. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Две лица во Охрид се хоспитализирани со дијагноза Ковид и во моментов се на кислородна поддршка, информираат од Институтот за јавно здравје.

Директорот Шабан Мемети за Мета.мк информира дека во период од една недела, од вкупно направени 635 тестови, 140 се позитивни на Ковид-19, а 13 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, од кои четворица се на кислородна поддршка, а еден пациент е на неинванзивна механичка вентилација.

Од почетокот на пандемијата, направени се вкупно 2.248.188 тестови, а бројот на позитивни тестови е 349.493.

Според епидемиолозите, новиот сој не е сериозна закана. ЕГ.5 или Ерис, е новата варијанта на Ковид-19 која стана доминантна во САД, а ја има и во Кина и во Велика Британија. Распространетоста на новиот сој расте, а симптомите најчесто се главоболка, рапав глас, болки во мускулите и изменето чувство за мирис.

Дали треба овој нов сој да нè загрижува? Епидемиолозите велат – не.

– Ова е вирус, а вирус лесно се пренесува, лесно мутира. Ковидот ќе има којзнае колку варијанти, но битно е да нема варијанта која ќе ни направи бељи за кои сè уште немаме имун одговор. Ние досега неколку варијанти поминавме, ќе има и нови, но тоа нема да биде драматично. Битно е да не биде вирусот летален, да не е толку развиен, за да не направи тешки клинички слики. Овој сој Ерис, не е таков, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов. (Крај)

извор: Мета.мк фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука