Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Сребрен медал за градскиот мешан хор Vox Lychnidos на Меѓународен хорски натпревар во Херцег Нови

Охрид, 10. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos се врати со сребрен медал од Меѓународниот хорски натпревар што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.

Во конкуренција од 14 хорови со меѓународно реноме освоија сребрен медал во категорија C (мешани хорови).

Сигурно, моќно и емотивно звучеа композициите „Sicut cervus“, „Konj“, „Besame musho“ и „Капетан“ во црквата „Св. Јоаким“. Публиката тоа го награди со долги аплаузи и овации, меѓу нив имаше и такви кои не можеа да ги сокријат емоциите понесени од она што го слушнаа, а жири комисијата даде високи оценки за квалитетот на изведбата. Потенциран беше изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на изведбата.

Диригентот Бурим Хидри, сѐ уште под импресии од настапот, во изјава за Супер радио и OhridPress рече дека е премногу задоволен од нивното претставување и постигнатото.

– Особено сум среќен и горд на ова достигнување, заедно со моите хористи. Имавме силна конкуренција во категоријата во која се натпреварувавме, а нашиот квалитет и потенцијал беа препознаени од жири комисијата, освоивме 86 поени. Да добиеш силни аплаузи за настапот, а и да видиш како во публиката има и такви кои беа особено емотивни, за мене тоа беше особен поттик, рече Хидри.

Додаде дека пофалби добил и од негови колеги кои учествуваа на фестивалот, а хорот веќе доби и неколку покани за учество на фестивали на Балканот и пошироко.

Хористите се враќаат на редовните проби, а веќе следниот месец ќе учествуваат на фестивал во Темишвар, Романија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука