ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Го менува ли ЗНАМ на Максим Димитриевски распоредот на силите на следните избори во Охрид?

Охрид, 10. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во Скопје, заедно со уште 10 граѓански здруженија, актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски ја официјализираше иницијативата за формирање на нов политички субјект во Република Македонија, „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“.

Димитриевски пред јавноста истакна дека Движењето ЗНАМ е формирано со главна цел да ги штити интересите на македонската држава, македонскиот народ и сите етнички заедници кои живеат во Македонија, водејќи се од европските начела и вредности, за суштински промени во Република Македонија.

Иако наводум многу далеку едни од други, случувањата кои започнаа во Куманово можат да имаат влијание врз распоредот на политичките сили во периодов кој е пред нас и во Охрид, но и во соседната Општина Дебрца.

Под површината веќе подолг период наназад се прават сериозни анализи и поместувања во распоредот на политичките сили, сето тоа тивко поддржано или охрабрено од искусни и сериозни политичари. Раситнувањето на големите политички партии и од македонскиот и од албанскиот блок никако не е случајно и во моментов е во полна сила. Со истото, големите играчи во позадина ќе можат полесно да манипулираат со малите политички фактори, кои се без поголема и реална моќ, но и знаење и желба за некои коренити промени во државата. На овој начин и поголемите партии од двата блока се „прочистија“ од незадоволните, ги извадија на површина и полесно ќе се „справат“ со истите. На овој начин тие се скоро сигурни дека во догледно време нема да им се случи посериозен и поголем политички субјект од нивен калибар, кој би можел сериозно да ги загрози. А и да се случи, со здружени сили ќе се справат со него, како толку пати претходно.

Ова навидум „дисциплинирање“ на големите партии, на локално ниво во Охрид може да доведе до одредени промени во резултатите на следните локални избори, особено ако се погледнат резултатите од последниот изборен процес од 2021 година.

Според официјалните резултати на Државната изборна комисија, во Охрид од вкупно 52.477 избирачи во избирачкиот список на 89 избирачки места, вкупно гласаа 29.628 граѓани, односно излезноста беше 56,46%. За Градоначалник вкупно гласаа 29.628 лица, од кои 28.216 беа важечки, додека пак 1.412 беа неважечки ливчиња. За д-р Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 16.980 гласови или 54,63%, а за д-р Константин Георгиески од СДСМ 13.161 гласови или 42,34% од охриѓани. Гоце Цветковски од ТМРО и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ освои 1,376 или 4,64% од гласовите.

Она што е особено интересно и каде на следните избори ќе се води најголемата битка е секако советничката листа, каде минатите избори имавме две сериозни изненадувања. Пред две години за советници вкупно гласаа 29.629 лица од кои ВМРО-ДПМНЕ освои 10.693 гласа или 36,04%, доволни за 10 советнички места. СДСМ освои 8.731 гласа, односно 29,43% и 8 советнички места, ДУИ освои 2 советнички места, а по едно освоија групата избирачи „Охрид пред се’“, Левица и групата избирачи „Охрид има План Б“.

Периодов наназад, партијата Левица е во постојан подем и раст на рејтингот и најавите се дека барем за двојно ќе го подобри резултатот, а вистинско изненадување може да биде токму ЗНАМ, од каде, доколку се остварат одредени најави за заедништво со една од групите избирачи, може да се направи поместување во силите. Неофицијално, можно е да има две или повеќе независни листи, што ситуацијата ќе ја направи уште поинтересна. Неопределените, гласовите на стабилното тело на охридските Египќани, Турците, но и оние кои ги поддржаа независните членови како Антонио Наумоски од „Охрид има План Б“ и македонскиот дел од гласовите на ДУИ (доколку некој конечно открие како да им пристапи), ќе бидат исклучително вредни на следните избори. Аквариумот од каде новите (и старите) субјекти ќе црпат гласови секако се неопределените и незадоволните членови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои и сега се со минимална разлика од само два советници. Дали ова ќе направи дополнителен хаос во функционирањето на Советот и носењето на одлуките, или ова дисперзирање на гласовите ќе биде плодна почва за пазарења и шурувања со локалните моќници и интересни групи останува да покаже времето.

До локалните избори не делат нешто повеќе од две години. Веќе имаме и најава за кандидатура за независен градоначалник од страна на адвокатот Александар Новаковски, а последните прегрупирања во партиите, новите субјекти, а особено двата изборни циклуси кои не очекуваат следната година ќе фрлат ново светло врз односот на силите на терен. Анкетите кои ни ги сервираат деновиве се повеќе список на желби отколку реален однос на силите на теренот, па затоа вистинскиот лакмус ќе бидат токму изборите следната година.

Следува интересен политички период пред нас, кој ќе трае повеќе од две години. Сите карти се отворени, сите можности се во игра. Охрид, како и секогаш е еден од најскапоцените камења во македонската круна и „битките“ за него се секогаш едни од најсилните и најинтересните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука