Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Објавена англиската верзија на романот „Надеж“ од охриѓанецот Ване Николоски

Охрид, 15. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Објавена е англиската верзија на романот „Надеж“ од охриѓанецот Ване Николоски.

– Со големо задоволство, би сакал да го најавам излегувањето на мојот роман „Надеж“, кој сега е достапен на англиски јазик, благодарение на мојот издавач Austin Macauley. Романот може да се купи на овој линк, објави Николоски.

Од издавачот Austin Macauley уште во март годинава најавија дека ќе го промовираат на територијата на Англија, САД, Австралија, Канада, Република Ирска и Нов Зеланд.

– На заедничко задоволство, потпишан е договор со британскиот издавач Austin Macauley во Лондон и канцелариите во New York и UAE за објавување на мојот роман „Надеж“ на англиски јазик (HOPE) и негова промоција и дистрибуција на глобално ниво. Станува збор првенствено за покривање на пазарите во Англија, САД, Австралија, Канада, Република Ирска и Нов Зеланд. Голема благодарност до мојот менаџер Кристијан Николоски кој е со седиште во Los Angeles за реализацијата на овој договор, изјави неодамна Николоски.

Во јули минатата година, во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, се одржа охридската промоција на романот „Надеж“ од Ване Николоски, наш автор кој живее во Австралија, писател и голем вљубеник во природата и својот Охрид. Изминатото лето, Николоски го промовираше романот во повеќе градови ширум Република Македонија.

Николоски е писател и љубител на природата кој своите најдлабоки мисли ги овековечи во ова дело, со кое дебитираше во 2019 година. Вели дека негова лична инспирација никогаш не биле врвни личности (актери, спортисти, инфлуенсери или политичари), туку обичните личности кои инспирират со својата храброст и желба за живот. Личности кои му пркосат на времето не дозволувајќи никој и ништо да го попречи нивниот елан и ентузијазам, личности без разлика на пол, религија или статус, личности кои ќе отворат црвен чадор во морето еднолични црни чадори. Токму тие, современите Дон Кихоти. Романот „Надеж“ е негово прво објавено дело, а во подготовка се уште два романи со современа проза.

Повеќе за Николоски од интервјуто за Супер радио и OhridPress. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука