ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Миленкоска: Изработка на леб од кисело тесто е тренд што кај нас допрва ќе се развива

Охрид, 17. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изработката на леб од кисело тесто е тренд што кај нас допрва ќе се развива. Оние што го пробале бараат и нарачуваат пак, вели нашата сограѓанка Весна Миленкоска, која речиси три години прави леб само од брашно, вода и сол.

Потенцира дека нејзиното хоби веќе прерасна во пасија, а се радува како дете на секој испечен леб. Додава дека тајната на добро тесто е љубовта.

– Лебот се подготвува само од брашно, вода и сол. Без квасец и адитиви, се работи за природна ферментација од дваесет и четири часа. Ова е тренд кој кај нас допрва ќе се развива, во овие скоро три години откако го работам, многу луѓе го пробале, бараат и нарачуваат пак. Здравствените придобивки се големи, лесно сварлив, нема тегоби, редовното комсумирање може да помогне во регулирање на крвниот притисок, присуството на млечни киселини и пробиотици го подобруваат имунолошкиот систем итн…Тајната на добро тесто е љубовта, сѐ што се работи во животот треба да е со љубов. Само тогаш сте на прав пат и успехот не ви бега, вели Миленкоска за Супер радио и OhridPress.

Лебот има посебно место на нашите трпези. Како познати „лебари“ не поминува ручек, слава или седенка без добар леб, додава Миленкоска, иако во послесно време зачести трендот кај помладите на здрава храна и избегнување на исхрана која вклучува леб.

Таа вели дека ја почитува ваквата индивидуална одлука, но во исто време апелира да се внимава што се купува.

– Не може леб „здрав“ да трае шест месеци… читајте состав, порачува Миленкоска.

Лебовите од кисело тесто Миленкоска ги прави по нарачка, на нејзиниот Instagram профил foodjoy_ves, каде редовно објавува и фотографии од изработките. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Vesna Milenkoska

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука