Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска е 1. ноември, останаа помалку од 2 месеци за завршување на автопатот Кичево-Охрид

Охрид, 1. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Скоро секојдневни сообраќајни незгоди, многу повредени и многу жртви однесе годиниве наназад патниот правец Кичево-Охрид, кој е се’ уште во изградба, и за кој последното ветување е дека ќе биде готов до крајот на оваа година.

Веќе навлеговме во ноември, што значи дека остануваат помалку од два месеци до крајот на годината, односно до најавениот термин за завршување на работите. Со оглед на фактот дека навлегуваме во период од годината кога ќе се влошат временските состојби, со што ќе се намали временската рамка за изведување на работите, се поставува прашањето дали ќе се стигне да се завршат најавените работи.

Иако се свесни за големината на проблемот и обемот на работите, граѓаните на социјалните мрежи апелираат да се изнајде максимално брзо решение и конечно да заврши изградбата на овој патен правец, на кој годиниве наназад е зголемен за неколку пати бројот на соообраќајни незгоди, од кои дел и со трагични последици. Тие реагираат на доцнењето во изградбата на патот, а дел се сомневаат во најавената динамика, пред се’ поради бројот на ангажирани работници и работни машини и бараат итно завршување на работите. Дел прашуваат дали ќе има одговорност за доцнењето со, како што го нарече Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби „несреќниот проект“, и каде се’ завршија потрошените пари.

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра, односно далеку над првично предвидените 374 милиони евра.

Работите за изградбата на овој автопат започнаа во февруари 2014 година, по што рокот беше поместен за 2018 година, односно подоцна за  јуни 2021 година. Според последните најави, градежните работи треба да завршат до крајот на 2023 година. Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благоја Бочварски своевремено изјави дека планира за овој мандат, до 2024 година да се вози по автопатот Кичево-Охрид.

Изградбата на автопатот Кичево Охрид трае скоро полна деценија и останува една од топ темите во охридската јавност, пред се’ поради фактот што во текот на изминатите десетина години, колку што се работи на делницата, лошите услови за возење на патот предизвикаа неброени сообраќајни незгоди во кои загинаа многу луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука