Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Точков: Задоволителен одзив за вакцинација против сезонски грип

Охрид, 1. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Задоволителен е досегашниот одзив за вакцинација против сезонски грип, вели за Супер радио и OhridPress директорот на Центарот за јавно здравје Охрид, Сашо Точков.

Вакцинацијата започна минатата среда, а на дневно ниво се имунизирале 130 до 140 луѓе преку Мој термин и со комерцијални вакцини. Точков вели дека термините се почитуваат, а вакцини има доволно.

– Сите оние кои се пријавиле преку електронската апликација дошле во својот термин, запазен е редоследот, нема никој одбиен, секој кој пројавил интерес може слободно да дојде и секој ќе биде вакциниран, има доволен број на вакцини. Има одзив и за примање комерцијална вакцина, цената е 700 денари и не е потребно претходно пријавување. И бесплатните и комерцијалните вакцини се исти, висококвалитетни четиритипни, истакна Точков.

Интересно е, додава Точков, дека и лицата кои спаѓаат во ризичните групи и за кои вакцината е бесплатна (лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години) доаѓаат и примаат комерцијална вакцина.

Започнува бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Охрид

За пациенти кои поради здравствени причини не можат да дојдат на пунктот за вакцинација, мобилна екипа на Центарот за јавно здравје Охрид врши вакцинација во домашни услови, а ваква можност нудат и екипите на Здравствен дом Охрид.

– Ние примаме и овде пријави и во Здравствен дом се примаат. Имаме ние наши пациенти што ги вакцинираме во домашни услови, што се инвалиди, неподвижни, екипите на Центар за јавно здравје се на располагање, но дополнително и екипите на Здравствениот дом, исто мобилни тимови, одат во домовите на оние лица кои не можат да дојдат во пунктот. Сѐ е тоа во координација со нашите епидемиолошки тимови, така што секој кој има потреба нека се јави или кај нас или во Здравствен дом, потенцира Точков.

Инаку заинтересираните за примање вакцина може и понатаму да се пријавуваат на vakcinacija.mk. По пријавата во рок до 10 дена треба да добијат СМС порака со закажан термин и да се јават во пунктот на Центарот за јавно здравје.

Доколку има пациенти кои се пријавиле и повеќе од 10 дена не добиле никаква информација за терминот, можат да се јават на телефонскиот број 02/ 15 444 за да се информираат во што е проблемот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука