Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Компанијата која го гради автопатот Охрид-Кичево, кинеската „Синохидро“ бара итна средба со премиерот Ковачевски

Скопје/Охрид, 5. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – По најавата од македонскиот премиер Димитар Ковачевски за можна ревизија на договорот со кинеската „Синохидро“, компанијата која го гради автопатот Охрид-Кичево скоро десет години, претставници компанијата побарале за утре итна средба во Владата.

Премиерот Ковачевсвки во петокот најави ревизија на договорот за изградба на автопатот кон Охрид и додаде дека е можно да се раскине договорот, бидејќи „несфатливо е и по 10 години 40-50 километри пат да не се изгради“. Рокот за завршување на работите на теренот со „Синохидро“ истекува на Нова година, иако завршени се само 78 отсто од работите за 600 милиони евра. Покрај премиерот, ревизија на договорот најави и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Од Министерството за транспорт и врски велат дека одлуката нема да биде нивна, туку на Владата имајќи ја предвид тежината на договорот, јави порталот 24info.mk.

Се чини дека проблемот не е во парите и можеби и не толку до интензитетот на работите на терен, туку во самата траса која минува низ десетина свлечишта што ја отежнува работата, а од министерството велат дека сметките со кинеската компанија се чисти.

На точно два месеци до најавениот завршеток на работите на автопатот Охрид-Кичево, екипа на OhridPress неодамна го помина овој патен правец и преку фотографии и видео долови до каде се градежните работи. Информацијата деновиве е помеѓу најкоментираните на Facebook профилот на OhridPress. (Крај)

извор: 24info.mk/ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука