Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Бектеши: Следната недела нов пакет антикризни мерки

Скопје, 7. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) 0 Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека новиот пакет антикризни мерки може да се очекува кон средината или кон крајот на идната недела.

– Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од Министерството за финансии со Кабинетот на премиерот, со нас и со другите институции вклучени во неговото креирање. Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредна недела, изјави во вторникот министерот Бектеши.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски потсети дека Владата одлучи да ја прошири листата на производи со „гарантирана цена“, како и дека оваа мерка ќе важи до крајот на годината, а не до 30-ти ноември како што првично беше најавено. Тој додаде и дека е оптимист оти до крајот на годината инфлацијата ќе биде под шест проценти.

– Со сите мерки што ги преземаме, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под шест отсто до крајот на годината. Веќе покажавме дека умееме да ја намалиме дури двојно за само една година, рече премиерот.

Инаку од 20-ти септември годинава, со одлука на Владата, почна да важи мерката за „гарантирана цена“ на вкупно 24 категории прехранбени производи. Цените на производите, согласно одлуката, треба да се најмалку 10 отсто пониски од цените регистрирани на 1 август.

Листата на производи со „гарантирана цена“ од 27-ми септември се прошири и со безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода, како и пивото. (Крај)

извор: Р.С Европа фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука