Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Рустеми: Извештаите на ФИДИК и ДЗР за автопатот Охрид-Кичево на следната владина седница, во игра се три опции

Скопје/Охрид, 25. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Извештаите од ФИДИК експертот и од Државниот завод за ревизија ќе бидат на следната седница на Владата и тие треба да го дадат одговорот што понатаму со изградбата на автопатот Охрид-Кичево, соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми во отчетот за реализираното во оваа година.

Во изјава за медиумите тој рече дека ФИДИК експертот што го ангажирале им доставил извештај со три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Синохидро“, договорот да продолжи со пенали или да се раскине договорот.

– Одговори на овие прашања се доставени во извештајот кој денеска заедно со извештајот од Државниот завод за ревизија го доставивме во Владата и, најверојатно на следната седница Владата ќе ги разгледа. Ние ќе бидеме присутни, ќе ги образложиме сите тие опции што ги имаме од ФИДИК експертот кој ќе биде на седницата. По седницата на Влада ќе знаеме како ќе продолжиме понатаму со изведувачот „Синохидро“, изјави Рустеми.

И покрај сите нивни напори и заложби до изведувачот на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, завршувањето на проектот се пролонгирало, како што рече „поради појава на нови свлечишта и обрушување на косините“ и во фаза се кога им е потребна експертска помош.

– Овој важен дел од Коридорот 8 треба да се реализира и да биде завршен, а деценискиот проблем решен. И експертската јавност и Државниот завод за ревизија се согласни дека проектот Охрид-Кичево е резултат на лошо проектирање и стартување, односно типичен пример како не треба прерано да се почне со реализација на еден проект, рече директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука