ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Јанкулоски: Секоја година интервенираме на запалена трска кај „Црногорци“, пожарот се подметнува, сторител не е фатен

Охрид, 6. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Интервенција на запалена трска во населбата „Црногорци“ имаме секоја година во овој период, пожарот се подметнува, извршител не е фатен, штетата е голема по ендемичните видови што живеат таму, а во опасност се доведени и околните објекти, изјави за Супер радио и OhridPress командирот на Територијална противпожарна единица (ТППЕ Охрид) Борко Јанкулоски.

Додава дека во одредени ситуации со крајни напори успеваат да ја заштитат околината, да не дојде до проширување на огнот и повторно апелира ваквите состојби со подметнување пожари на отворен простор да не се повторуваат.

– Се повторуваат вакви случаи и на други места особено овој период, кога е сончево времето луѓето ја користат секоја можност за чистење на нивите, ги потпалуваат стрништата, пожарите излегуваат од контрола зафаќаат и поголеми подрачја, со што се отежнува и работата на ТППЕ. Еве вчера во исто време имавме два пожари, едниот во Лешани, опожарени беа ниви кои веќе почнаа да го зафаќаат делот од планината. Со брза реакција на колегите се спречи проширување на пожарот, се локализира и се ликвидира. Во меѓувреме имавме екипи упатени на санација на пожарот во населбата „Црногорци“, потенцира Јанкулоски.

Покрај ваквите подметнувања на пожари, за што вина сѐ уште никој нема понесено, периодов и покрај апелите чести се и пожарите на оџаци. Од почетокот на годината заклучно со денес охридските пожарникари интервенирале вкупно 42 пати, од кои во 32 случаи интервенциите биле на опожарени оџачки канали, остатокот се пожари на отворен простор, помал обем на опожарени контејнери, ниви, стрништа. Ова значи дека од почетокот на годинава речиси секој ден гаснеле опожарен оџак.

– Ние како ТППЕ во повеќе наврати упатуваме апели навремено да се чистат и одржуваат оџаците, да се врши контрола. Ние имаме тимови кои можат да излезат во пресрет на граѓаните. Исто така граѓаните да се воздржат од палење на стрништата, на нивите, сѐ со цел за чистење, знаеме дека со тоа се предизвикува поголема штета, а исто така е казниво со закон, додава Јанкулоски.

Статистички гледано во 2023 година службата имала вкупно 582 интервенции, додека во 2022 година 526. Во однос на пожари минатата година забележале 248 интервенции, а во 2022 година имало 243 интервенции.

Јанкулоски истакна дека од голема помош за службата е и формираното доброволно противпожарно друштво „Ентузијаст“. Засега брои 23 членови, волонтери, ентузијасти кои имаат поминато соодветни обуки и кои помагаат при интервенции во Охрид и Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука