ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Пролетва ќе се маркираат подземните хидранти во Охрид, каде ќе има можност ќе се извадат на површина

Охрид, 15. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на пролетните месеци охридската територијална противпожарна единица планира да изврши маркирање на хидрантската мрежа во стариот дел на градот.

Оваа тема е болна точка, особено за регионот на Стар град. Командирот на охридската Територијална противпожарна единиц (ТППЕ) Борко Јанкулоски за Супер радио и OhridPress вели дека секаде каде има можност хидрантите ќе бидат надворешни, бидејќи како подземни не им користат со оглед на тоа што над нив се паркираат и возила.

– Стапивме во контакт и со ЈП „Водовод“ Охрид бидејќи тие ги одржуваат тие хидранти, меѓутоа немаме приказ на старата хидрантска мрежа и ќе мора детално со нив да ги прегледуваме, да ги маркираме и секаде каде има можност ќе се направат напори подземните хидранти да се извадат, да бидат надворешни, рече Јанкулоски.

Справувањето со евентуална огнена стихија во стариот дел на градот е рак рана годиниве наназад. Има делови кои се речиси недостапни за поголеми противпожарни возила, а проблем претставуваат и автомобилите кои граѓаните ги оставаат на улица, како и збиениот тип на куќи.

На ова се надоврзува и проблемот со немањето пловен објект за гаснење пожар од вода, што ќе биде значајно како за овој дел, а особено за патниот правец кон Св. Наум.

– Тоа е веќе голем проблем, особено на патниот правец кон Св. Наум. Охрид е туристички град, во летниот период, особено во некои интервали во текот на денот, буквално ние немаме пристап во случај на пожар и со самото тоа не сме доволно ефикасни. Доколку би имале специјализиран пловен објект би се користел особено на тој потег, па кон Канео и би биле поекспедитивни, потенцира Јанкулоски.

Што се однесува до набавка на возила за единицата, преку Бирото за регионален развој и дел кофинансирано од Општина Охрид, ќе биде набавена осум тонска цистерна која моментално е најпотребна. Апликацијата е испратена и се очекува до крај на оваа година возилото да го збогати возниот парк на противпожарната служба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука