Избор Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Два случаи на измами со пари во Охрид

Охрид, 22. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Полицискиот Билтен се поместени информации за два случаи на измами со пари изминатите 24 часа на територијата на Охрид.

На 21-ви февруари 2024 година, во 11:20 часот во СВР Охрид, 52-годишна жена од Охрид пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 5.000 евра. Според пријавеното, во септември 2023 година на веб страна таа забележала објава во која се нуди работа во странска земја и стапила во контакт со лицето, кое и ветило работа во хотел и притоа ѝ ги побарало парите за уплата за работна дозвола, годишно осигурување, дополнително осигурување за подолг период, депозит за стан и сл. Како што е пријавено, таа ги уплатила парите, по што стапила во контакт со хотелот од каде што била известена дека нивната интернет страна била хакирана, по што сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во друг случај, на 21-ви февруари 2024 година, во 16:20 часот во СВР Охрид, 62-годишна жена од Охрид пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 14.000 денари. Според пријавеното, околу 13.30 часот во нејзиниот дом дошло лицето и ѝ понудило огревни дрва, а откако се договориле таа му ги дала парите, по што лицето заминало. Како што е пријавено, до пруиавувањето лицето не ги донело дрвата и не ги вратило парите, по што таа се посомневала дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука