Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Законите за игри на среќа и за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата на дневен ред пред пратениците во Собранието

Скопје/Охрид, 28. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, трето читање денеска е повторно ставен на дневен ред на 145 седница на Собранието на Република Македонија.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски претходно не го потпиша указот за овој закон. За да се изгласа овој закон, на парламентарното мнозинство ќе му биде потребен 61 глас.

Во прво читање на денешната седница ќе биде и Предлог на закон за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Со измените на Законот, се зголемува заштитата на споменичката целина на Старото градско јадро на Охрид, согласно препораките и Одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Исто така, со измените се создава правна основа за унапредување на заштитата на Старото градско јадро на Охрид. Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно-историско подрачје“, со Решение на УНЕСКО од 1979/80 година.

Најзначајна новина којашто е предвидена со овој Предлог на закон е дека до донесување на новите детални урбанистички планови усогласени согласно заштитата утврдена во него, во Старото градско јадро на Охрид не ќе може да се градат нови објекти, доградби и надградби. Дополнително Предлогот на законот содржи одредби за посебна заштита на Старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, со цел да се спречат дејства, појави и влијанија со коишто се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука